Заклучно со 23.4.2025 година, во архивата на Министерството за локална самоуправа се доставени вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, информирајќи за текот на апликативниот процес за финансирање на локалните самоуправи од програмата на Владата, по вториот јавен повик, посочи дека 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиските средства што им следуваат согласно со формулата по глава на жител, а 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума.
– Да појаснам, 27 општини поднеле апликации, но имаат простор за доставување на уште апликации, со оглед на предвидената максимална сума по критериумот, по глава на жител, а 17 општини (Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени) воопшто немаат поднесено апликативни формулари – наведе Перински.
Воедно, уште еднаш апелираше до сите локални самоуправи да ја искористат оваа можност и да го почитуваат законски предвидениот рок за пријавување, кој согласно со одлуката на Владата е 30.4.2025 година. Тој нагласи дека оваа владина програма претставува клучен чекор во трансформацијата на локалните самоуправи и целокупниот развој на земјата.
Според Перински, Владата со конкретни мерки и дела покажува дека е безрезервен партнер на сите општини, со голема посветеност за остварување на овие цели.
– Со заедничка и координирана работа, можеме да изградиме понапредна инфраструктура што ќе создаде и подобри услови за живот од повеќе аспекти. Исходот од првиот повик веќе јасно потврдува дека нашите намери се реални и дека оваа програма не е само теорија туку и практичен механизам за промените што веќе се случуваат на терен – заклучи Перински.