Судијата Ивица Стефановски го стави во мирување судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, бидејќи првообвинетиот Љупчо Палевски побара изземање на целото скопско Јавно обвинителство и надлежната обвинителка Жаклина Крстевска-Јосифовска поради криење на докази, пиштолот на Боре Видевски, кој според Палевски легално го поседувал, а обвинителството не го земало за доказ. Обвинителството треба да му одговори на барателот во рок од три дена, па поради тоа следното рочиште судијата го закажа за во понеделник
Писанието од две страни, првообвинетиот Љупчо Пелвски го читаше во судницата, на моменти стануваше да му предаде на судијата отпечатен материјал за кој бараше да се заведе како доказ. Иако пред стартот на рочиштето, јавноста го очекуваше сведокот Гоце Трајковски да се појави во кривичниот суд, сепак барањето на Палевски го смени текот на судењето. Вака почна денешното рочиште за грозоморното убиство на Вања и Панче во скопскиот Основен суд, на кој првообвинетиот ги обвини обвинителите за недоследности во истрагата.
Палевски достави до Државниот Обвинител барање за изземање на ЈО Скопје
-Денес со ова барање за изземање доставувам и доказ за сторено кривично дело на вашата јавна обвинителка (мислејќи на Јосифовска), обвинетиот Боре Видевски поседува пиштол, 9 мм, со дозвола издадена на 15.1.1999 година. Во евиденцијата поседува и ловна пушка, од 12 мм калибар, со фабрички број 921783 и дозвола издадена на 14.2.2001 година. Под број два, криминалистичката практика покажува дека вакви злосторства се вршат со оружја купени на црниот пазар, но обвинителот е должен на самиот почеток оваа околност да ја расчисти. Зошто тоа Јосифовска не го сторила треба да вам да ви одговори. Во претрес кај Боре Видевски, претходно приведен во Полициска станица Велес, во записникот за претрес на дом, пиштолот не е евидентиран, го нема, не постои. Зошто тоа ЈО Јосифовска не го зела предвид кога ја водела истрагата, е уште еден доказ за намера и свесност во креирање на обвинителни акти без ниту еден доказ. За обвинетиот Боре Видевски не постои потврда за привремено одземени предмети издадена од СВР Велес, ниту една. Истиот ден, 3.12, кога е лишен од слобода Боре Видевски, за Велибор Манев се пишани три потврди за одземени предмети, за Боре Видевски во списите не постои потврда за одземени предметим обвини Палевски. Тој му предаде на судијата Стефановски копија од стариот систем на МВР за евиденција на лица кои поседуваат оружје со дозвола, на кој тврди дека се наоѓа и името на Видевски. Рече дека ваквиот факт му го дале „правдољубиви луѓе“.
-Сите овие докази се доказ за стореното кривично дело на вашата ЈО Јосифовска затоа што знае дека секоја издадена дозвола на МВР поседува отисок за испалување и брзо и точно може да се утврди дали со оружјето кое намерно не го барала е сторено или не е сторено ова кривично дело. Прашања на кои ЈО Јосифовска мора да ви одговори се следните:Каде е пиштолот „зброевка 75 В“, сопственост на еден од обвинетите? Зошто 421 ден до денес Јосифовска не го расчистила овој факт? Зошто чаурата не ја приложила во листа на докази?, рече Палевски.
Судењето се одложи за в понеделник, кога Обвинителството ќе се произнесе по барањето на обвинетиот. На заминување од Кривичниот суд, обвинителката Жаклина Јосифовска, го коментираше новиот момент во процесот, рече дека Палевски го искористил вниманието со барањето за изземање со цел да ја изнесе својата одбрана, но сето тоа не му оди во прилог изјави обвинителката и замина да го информира својот шеф Коцевски за новонастанатата ситуација.
-Доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видеозаписите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани, изјави Крстевска Јосифовска и уверува дека ОЈО ги има обезбедено сите докази за докажување на вина кај обвинетите дека ги планирале и сториле убиствата на Вања и Панче.
Одбраната на Палевски вели дека сега е моментот за барање на изземање, пиштолот кој го поседувал обвинетиот Боре Видевски, можеби се совпаѓа со пронајдената чаура на местото каде што е ликвидиран Панче Жежовски, ако ОЈО го прибавиле како доказ, се сомнева адвокатот на Палевски, Марјан Витановски.
– Ако се пронајде пиштолот од овие обвинети овде, нека се провери таа околност, па ние како одбрана ќе си продолжиме со други факти. Невозможно е, четири обвинети да имаме, еднаш го признаа кривичното дело, па го повлекоа тоа, за сега да немаат ни едно прашање да постават и да приговорат, што укажува дека тие можеби се заложници во овој кривично-правен настан и веќе преговарале за исходот на постапката, а сè од причина единствено првообвинетиот биде лицето кое го извршиле ова кривично дело“ – се сомнева адвокатот на Палевски, а обвинителката Јосифовска отфрла такво нешто, рече дека ниту еден бранител не разговарал со обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија.
– Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои се само за обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту на одбраната примерок, па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, запраша Крстевска.
Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3 февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, да се произнесе по наводите во барањето за изземање. Претходно, Палевски бараше и изземање и на судијата, а претседателот на судот му го одби таквото барање.
Оружјето со кое се извршени двете убиства го нема во листата на докази. Според обдукцијата проектилот што бил пронајден во телото на Вања бил од боева муниција со 9 милиметри, произведен во 2002 година. Во близина на дупката кај местото викано Рудник каде бил убиен и закопан Панче била пронајдена и една чаура од муниција со калибар од 9 мм. Обвинетите Боре Видевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев во истрага признаа вина, посочувајќи го Палевски за организатор и извршител. На првото судење, сите обвинети негираа дека се виновни за свирепите убиства кои ја потресоа македонската јавност. (П.А.)