EPA/Carmen Jaspersen

Легендарниот возач во Формула 1, Михаел Шумахер, не е виден во јавноста повеќе од десет години, поточно откако доживеа страшна несреќа на скијање. Оттогаш, малку се знае за неговата здравствена состојба, пред сè затоа што семејството строго ја штити приватноста на Шуми, а од несреќата го виделе само неколку пријатели, додека секој ден е придружуван од приватен персонал. Сите луѓе што го посетиле или се грижат за него, потпишале посебни документи за да го заштитат семејството, но…

Германската полиција уапси трето лице кое е обвинето дека го уценувало семејството Шумахер со фотографии и видеа од Михаел. Претходно, татко и син добија драконски казни поради уцена над семејството Шумахер, а сега 52-годишен маж е приведен во близина на Вупертал, град во западниот дел на Германија, кој вообичаено работел како обезбедување во вилата на Шумахер.

  • Истражителите ја пребараа куќата на овој човек и му ги одзедоа сите мобилни телефони, хард дискови и други работи, соопшти германската полиција, која не го именуваше осомничениот.

Инаку, Шумахер се здоби со тешки повреди на главата при пад на скијање, па едно време беше во индуцирана кома. Постојано се пишува за неговата здравствена состојба, а најмногу информации во јавноста досега сподели неговиот голем пријател, Жан Тод, со кој соработуваше во текот на кариерата во Ф1. Се верува дека Михаел комуницира со мимики и дека е прикован за кревет.