Обилниот снег и дожд ги затворија патиштата и го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во југозападна Швајцарија, соопштија властите, додека дождот предизвикува проблеми и во северна Италија.
Претставник за туризам рече дека Зермат, популарен алпски ски-центар на југот на земјата на границата со Италија, е отсечен. Телевизиската станица СРФ објави дека во регионот паднале 55 сантиметри свеж снег, а 100 сантиметри се забележани на превојот Голем Сент Бернард југозападно од Зермат.
Властите во Вале, Берн и Тичино издадоа второ највисоко предупредување за лавина, а метеоролошката канцеларија MeteoSchweiz извести за „умерен“ ризик од високи нивоа на водата на реката Рона и езерото Маџоре на швајцарско-италијанската граница. Лошите временски услови ќе продолжат и во четврток попладне, прогнозира MeteoSchweiz.
In den letzten 24 h fielen vom Maggiatal bis zu den Berner Alpen über 100 mm Niederschlag. Im Wallis und im Berner Oberland schneite es dank Niederschlagsabkühlung bis auf den Talboden. In Visp wurden am Morgen 30 cm Neuschnee gemessen! Aktuelle Warnungen: https://t.co/iCggkuQVYk pic.twitter.com/RgZTm8RvM6
— MeteoSchweiz (@meteoschweiz) April 17, 2025
Поројни дождови наврнаа над северна Италија, при што многу реки се излеаа од коритата, а властите во некои области затворија цели области и патишта покрај нивните брегови, јави ДПА.
Ситуацијата е особено лоша во северозападниот регион Пиемонт, со главниот град Торино, каде што локалните жители се повикани да останат дома.
Поплавите на железничките линии предизвикаа големи доцнења во возниот сообраќај меѓу Италија и Швајцарија. Неколку возови се заглавени. Властите предупредуваат на силни ветрови и ризик од нови поплави и лизгање на земјиштето.
Погодени се и областите кои вообичаено привлекуваат голем број посетители за време на велигденските празници, како Јужен Тирол, Ломбардија и Тоскана. Предупредувања за лоши временски услови беа издадени и во јужните швајцарски кантони Вале и Тичино, кои исто така привлекуваат туристи за време на велигденските празници.