Снегот предизвика проблеми насекаде низ државата, сепак зимските служби успеваат да се справат со наносите. Сообраќајот на државните патишта се одвиваше во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонијапат. Беа воведени и забрани за тешки товарни возила од превентивни причини на превоите а беше предупредено дека на одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и долови можна е појава на поситни одрони

Македонија е под снежна покривка. Снегот што почна да паѓа од саботата вечерта, продолжи поинтензивно и во текот на вчерашното деноноќие, а според синоптичарите, обилни врнежи се очекуваат и наредниве два дена проследени со повремено засилен ветер од северен правец, кој ќе услови многу ладно време и голомразица.

Насекаде во Македонија се очекува да се формира дебела снежна покривка, и тоа во градовите над 20 сантиметри, а понекаде и над 30 сантиметри, додека во западната половина од државата, снежната покривка во дел од градовите ќе надминува дури и 50 сантиметри. На планините и на скијачките центри се очекува нов снег и до околу, па и над еден метар.

Снегот предизвика проблеми насекаде низ државата. Денеска околу 9:53 часот преку Единствениот телефонски повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи било пријавено дека пет малолетни и едно возрасно лице поради обилните снежни врнежи се заглавени во с. Рајчани, Општина Кочани и не можат да слезат во Кочани. Завеаните лица околу 11:50 часот се извлечени со теренско возило на член на Доброволна планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани и безбедно се однесени и им се предадени на нивните родители.

Патничкиот железнички сообраќај денеска се одвива нормално и без прекин, со минимални задоцнувања благодарение на интервенциите од дежурните екипи од ЈП „Инфраструктура“ на терен. Посебен акцент се става на интервенции кај критичните точки, обезбедувајќи непречено и безбедно движење на патничките возови. Товарниот железнички сообраќај се одвива со мали застои, кои главно се предизвикани од заснежени или замрзнати свртници.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.

Денеска се воведени забрани за тешки товарни возила од превентивни причини на патните правци: Гостивар-Маврово-Дебар,Гостивар-Стража-Кичево,на планиските премини Пресека, Плетвар, Ѓавато, Македонски Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос и Делчево – ГП. Делчево. На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и долови, можна е појава на поситни одрони.

ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината според условите на патот.

– ЈП Македонијапат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата, а дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни – велат од ЈП Македонијапат“.

Во Скопје се чистат главните сообраќајници и критичните точки

Екипи на зимските служби на Град Скопје и општините се справуваат со наносите од снег по сообраќајниците и тротоарите за да ги направат проодни за возилата и пешаците.

Во општина Кисела Вода механизацијата е распоредена на сите улици на територијата на општината, а се интервенира и во делот на паднатите гранки и дрвја како последица на снежното невреме.

Се чистат улиците, автобуските постојки и пешачките патеки во Гази Баба. Изминатите часови се изврши чистење на улици во Автокоманда, Црешево, Железара, Смилковци, Виниче, Триангла, Трубарево, Булачани, Раштак, Ченто и други населени места. Се приклучија и екипите на ЈКП Гази Баба кои вршат чистење на автобуските постојки и пешачките патеки низ општината. По улиците низ Гази Баба се растура сол и ризла.

Кризниот штаб на општина Бутел будно ја следи ситуацијата со снежните наноси.  Исчистени се сите повисоки места и критичните точки во Бутел, село Љубанци и село Љуботен. Дежурни екипи од општинскиот кризен штаб и комуналното одделение заедно со потребната механизација се поставени на најкритичните места доколку дојде до поголеми наноси на снег.

Зимската служба на општина Центар го расчистува снегот и тоа приоритетно на најкритичните локации, како што е подножјето на планината Водно, и на најпрометните улици под надлежност на општината. Се интервенира со вкупно четири возила – два со плуг и соларка, како и две специјализирани возила за отстранување снег.

Зимската служба на општина Карпош ги расчистува улиците во Трнодол, во Горно Нерези, како и на улиците Иван Цанкар, Ловќенска, Волгоградска, а во меѓувреме се чисти и на сите останати собирни улици во општината. Се чистат и тротоарите на улиците за да може непречено да се движат пешаци, а расчистени се и скалите во Трнодол и Жданец.

За справување со снегот склучени договори од 3,5 милиони евра

За справување со снегот и мразот по патиштата и улиците, досега се склучени договори од 3,5 милиони евра. Оваа сума од 3,5 милиони евра допрва ќе расте бидејќи уште 13 тендери се во тек, се наведува во најновото истражување за трошоците за зимско одржување на патиштата во земјава, објавено од Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето покажало дека ЈП за одржување на патиштата сè уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување на патиштата низ земјава.

– Речиси и да нема конкуренција на тендерите за зимско одржување на кои просечно има по 1,4 понуди по тендер, а на 71% од тендерите имало само по една понуда. Со најголема вредност од 1,3 милиони евра годишно е тендерот за индустриска сол на ЈП за одржување на патиштата. Градот Скопје и уште 8 скопски општини заедно ќе потрошат повеќе од 1 милион евра за улиците низ главниот град – велат од ЦГК.

За оваа зима, според истражувањето, државните институции во земјава склучиле договори за јавни набавки за зимско одржување на улиците и патиштата во вредност од 219 милиони денари, односно 3.569.106 евра. Во соопштението стои дека се склучени вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и ЕСМ.

Инаку, 39 единици на локална самоуправа имаат склучено договори за зимско одржување, односно за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата. Од сите нив, најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра. Од другите општини, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола, околу 250 илјади евра, Кичево – 134 илјади евра, Центар – 116 илјади евра, Гази Баба – 113 илјади евра, Гостивар 96 илјади евра и Струга 92 илјади евра.

Само за Скопје, се посочува, има повеќе од милион евра за справување со снегот и мразот. Инаку, за главниот град Скопје, покрај тендерот на Град Скопје, тендери за зимско одржување на улиците имале и уште осум други скопски општини. Најголемите се на Општина Центар – 116 илјади евра и на Општина Гази Баба – 113 илјади евра. Вкупно, овие осум општини исто така имале повеќе од половина милион евра за чистење на снегот и мразот. Ова значи дека за територијата на Град Скопје предвидени се повеќе од еден милион евра за зимско одржување и чистење на улиците. Највреден договор, засега е оној за набавка индустриска на сол.

На снегот се израдуваа и децата и возрасните

Снегот отвори работа за надлежните служби, но направи радост за сите, особено за најмладите. Парковите и рекреативните зони се преполни со деца и родители кои уживаат во снежните лудории и на сите места сликата е речиси идентична: се санкаат, се гаѓаат со снежни топки и се прават снешковци. Снегот ги обедини комшиите кои со здружени сили го расчистуваат снегот од пред влезовите.

Од друга страна, пак, сите се радуваме што снегот го исчисти воздухот од токсичните материи. Мерните станици насекаде низ Македонија светат зелено. Чисто е, од Скопје до Гевгелија, а граѓаните се прашуваат каде исчезна загадувањето. Барем неколку дена ќе можеме да дишеме чист воздух.

Надлежните упатуваат совет до скијачите кои ќе се наоѓаат на Скијачките центри, да не се движат кон поголеми надморски височини поради обилните врнежи од снег и значително намалената видливост која се очекува.

(С.Бл.) – Фото: Петр Стојановски

 

 

ИЗДВОЕНИ