Снежните врнежи што ја зафатија земјава минатата недела се добредојдени за земјоделството, велат агрометеоролозите. Ќе ја зголемат влагата на почвата, не само на површинскиот туку и во подлабокиот слој.
Снегот, кој е воедно и топлински изолатор, особено е значаен за есенските посеви.
– Промената на времето од минатата недела, со врнежи од снег и формирање снежна покривка, се оценува како позитивна, особено за есенските посеви на кои им се потребни вакви временски услови. Оваа состојба поволно ќе влијае врз сите земјоделски култури и ќе придонесе за зголемување на влажноста, како на површинскиот така и на подлабокиот слој од почвата – велат агрометеоролозите на УХМР.
Снегот, нагласуваат, ја одржува константна температурата во почвата.
– Снегот ги штити посевите од минимални температури, ја одржува температурата во почвата на пет сантиметри на околу еден степен, што е сосема доволно за да нема оштетувања на јазолот на братење, кој се наоѓа токму во тој дел од почвениот слој. Како добар изолатор, снегот ја одржува температурата константна – објаснуваат агрометеоролозите.
Тие препорачуваат земјоделските производители да продолжат со грижата за посевите доколку почвените услови го дозволуваат тоа.
– Земјоделските производители треба да продолжат со грижата за своите посеви, со зацврстување на пластениците и на другите конструкции, како и со примена на сите потребни земјоделски активности и агротехнички мерки – советуваат агрометеоролозите.