Смртноста како резултат на топлото време во Европа, можно е двојно да се зголеми, и тоа најмногу во државите од јужна Европа, како што се Италија, Грција и Шпанија, покажа новото истражување, а пренесува „Guardian“.
Всушност во Европа, ладното време убива повеќе луѓе отколку топлото, а некои велат дека климатските промени ќе бидат од корист бидејќи ќе ја намалат смртноста предизвикана од ладното време. Но од друга страна студијата објавена во списанието „Lancet Public Health“, открива дека бројот на смртни случаи поради топлотните бранови, значајно ќе се зголеми поради појавата на сè поекстремни временски услови и чувствителноста на високите температури на луѓето а првенствено постарите лица. Доколку глобалното затоплување го достигне катастрофалниот пораст од три или повеќе степени Целзиусови, смртноста од топлина ќе биде многу поголема од намалената смртност предизвикана од ладното време, пишува „Гардијан“.
Истражувачите велат дека резултатите сугерираат, оти климатските промени претставуваат „предизвик без преседан“ за сите здравствени системи, а особено во текот на топлотните бранови.
„Со зголемувањето на температурите и стареењето на населението, се очекува многу поголем број на смртни случаи поврзани со топлината, додека истовремено смртноста од ладното време незначително се намалува“, изјави Давид Гарсиа Леон, од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, којшто е коавтор на најновата студија околу климатските промени.
Топлотните бранови, годишно би можеле да убијат 129.000 луѓе доколку температурите се зголемат за три степени повеќе од нивото во прединдустрискиот период. Денес бројот на смртни случаи поврзани со топлината во Европа изнесува 44.000, но годишниот број на смртни случаи поради топлото и ладното време во Европа би можел да скокне од денешните 407.000 на 450.000 во 2100 година, дури иако светските лидери ја постигнат својата цел глобалното затоплување да се зголеми за 1,5 степени Целзиусови, велат истражувачите.
Се предвидува дека бројот на смртни случаи поради топлото и ладното време ќе се зголеми за 13,5% доколу Земјата се загрее за три или повеќе степени, што за многумина научници претставува „климатски крах“, кој би предизвикал дополнителни 55.000 смртни случаи, а повеќето починати во овој случај би биле постари од 85 години.