Смртта на младата велосипедистка можела да се избегне?!

64

Швајцарската велосипедистка Муриел Фурер (18) почина во болница во Цирих, на 27 септември, еден ден по сериозниот пад во текот на јуниорската женска друмска трка на Светското првенство, објавија Меѓународната велосипедска федерација (УЦИ), швајцарскиот велосипедизам и локалниот организациски комитет.

Првите информации велеа дека по судирот и падот на патеката, младата спортистка била итно префрлена во болница, каде што ѝ била дадена лекарска помош, но најновите информации поврзани со неа се во сосема друг правец.

Медиумите денеска ги објавија деталите за трагедијата. Според „Блик“, развојот на настаните укажува на сериозен неуспех на Меѓународната велосипедска федерација.

Според овој медиум, Фурер излетала во шумата покрај патот околу 11:45 часот и лежела таму од 90 до 100 минути. Во болница била префрлена околу 13:35 часот, дури два и пол часа по несреќата. „Блик“ наведува дека бавната реакција на лекарскиот тим е, всушност, последица на лошата организација, но сè уште не се знае дали Меѓународната велосипедска федерација ќе сноси одговорност на некој начин.

Инаку, Муриел е четвртата жртва во велосипедизмот во последните пет години и затоа многумина бараат поригорозни контроли на маршрутите по кои се вози и побезбедни услови за спортистите што се натпреваруваат. Ова особено се должи на контроверзната изјава на Дејвид Лапартиен, претседателот на Меѓународната велосипедска федерација, дека ваквите падови се „составен дел од спортот“.