Не е несреќа туку убиство! Бараме правда! Стотици граѓани попладнето го блокираа булеварот „Партизански одреди“ во знак на револт од малата казнивост на несовесните возачи, по сообраќајката, кај Универзална сала, во која животот го загуби 22-годишната студентка Фросина Кулакова, кога во неа со голема брзина удри пијано младо момче, поминувајќи на црвено и без возачка дозвола. Граѓаните се гневни на системот, кој, според нив, дозволува деца со лошо поведение место да бидат казнети, да им се прогледува низ прсти и се дозволува и натаму да дивеат по улиците со своите скапи автомобили и да убиваат невини луѓе. На мирниот протест присутните ѝ оддадоа почит на жртвата со едноминутно молчење, меѓу нив и дел од учениците од околните училишта кои биле ослободени од првиот час. Во оградениот дел на булеварот каде што на пешачкиот премин поминувала несреќната девојка, граѓаните оставаа цвеќе и палеа свеќи покрај нејзината фотографија
Пандорче Антеска
Фросина Цекова, Викторија Николова, Фросина Кулакова, патиштата арогантно редат трагедии, уште колку? Врските не враќаат човечки живот! Смртта на Фросина е пропуст на системот! Не е несреќа туку убиство!, стотици граѓани попладнево го блокираа булеварот Партизански одреди во знак на револт од малата казнивост на несовесните возачи, по сообраќајката на „Партизанска“, кај Универзална сала во која животот го загуби 22-годишната студентка Фросина, кога во неа со голема брзина удри пијано младо момче, поминувајќи на црвено и без возачка дозвола. Граѓаните се гневни на системот, која според нив дозволува деца со лошо поведение место да бидат казнети, да им се прогледува низ прсти и се дозволува и натаму да дивеат низ улиците со своите скапи автомобили и да убиваат невини луѓе. На мирниот протест, присутните ѝ оддадоа почит на жртвата со едноминутно молчење, меѓу нив и дел од учениците од околните училишта кои биле ослободени од првиот час. Во оградениот дел на булеварот, каде што на пешачкиот премин поминувала несреќната девојка, граѓаните оставаа цвеќе и палеа свеќи покрај нејзината фотографија. Свежото цвеќе беше шарено исто како нејзините модни креации, со кои таа се гордееше, тивко изусти повозрасна жена. Нејзините млади пријатели не можеа да ги сокријат солзите и болката, ова место кај нивното омилено собиралиште, секогаш ќе им ги враќа сликите од траорната несреќа. Измешани беа емоциите на граѓаните кои дојдоа да побараат правда за сите жртви на несовесни возачи, да изразат гнев кон институциите кои работат на принципот фаќање врски и незадоволство на малата казнивост за возачите кои земаат невини животи.
„Оваа држава има едни граѓани и има деца на системот, едните граѓани се жртви а другите системот ги штити, порачаа младите, по што се упатија кон Собранието, свирејќи и извикувајќи „Бараме правда!“
Пешачеа до Обвинителството од каде што побараа да се процесуираат предметите против злосторниците, а на крај застанаа пред Судот, на кој му порачаа пријавите да не завршуваат во фиоки.
„Нема да застанеме тука, мора да има одговорност, бидејќи секогаш ќе има некој татко, вујко или некој кој има моќ, ќе се јави по телефон, а институциите ќе премолчат и ќе продолжи да ни се случува истото, порачаа младите студенти на протестот.
Освен во Скопје, мирни протести се организираа и во Неготино, каде што нејзините сограѓани испратија силна порака да сопре дивеењето по улиците и побараа поригорозни мерки против несовесните возачи, поголема безбедност на улиците и крај на неказнивоста за сообраќајните прекршители. Сличен собир за правда ќе се одржи и в недела, во Кавадарци.
Погребот на младата Фросина беше во родното Неготино
Родните и пријателите од Скопје и Неготино се простија од прерано починатата Фросина Кулакова, последното испраќање се случи во капелата во Бутел, а погребот е во нејзиниот роден град, во Неготино. Скршени од болка, на неа се сеќаваат како на мила и надежна девојка, која допрва требаше да го зграпчи животот и сите убавини во него.
Дека била ангел од девојка напиша нејзиниот професор и ментор по мода, Изет Цури, каде што Фросина учела школо за моден дизајн.
-Почивај во мир, наш најдобар шарен студент што го имавме, напиша учителот по мода. Сонот на младата креаторка бил нејзините урнебесно колоритни парчиња да ги покаже на светските модни писти, а колегите ќе ја паметат по динамичниот дух кој го пренесувала и во работата.
Правосудните институции се „изгубија во преводот“ за постапките против возачот
Откако во јавноста излегоа информациите дека 20-годишниот возач имал криминално поведение, а пријавите против него завршувале со неказнивост, Јавното обвинителство информираше дека лани во март му поднеле пријави за трговија со дрога, а тој завршил во истражниот затвор Шутка. Иако возачот, кој ја усмрти младата Фросина, веќе бил полнолетен, сепак судијата донел осудителна пресуда, во која изрекол мерка да се упати во воспитно-поправниот дом, во Тетово, каде што се сместуваат малолетници, кои сториле кривични дела. На ова обвинителството се пожалило. Освен што го испратил во поправен дом со полни 19 години, судечкиот судија, му го укинал и притворот и го пуштиле дома. Но, во криминалната историја на возачот, што ја објави обвинителството пишува дека и претходно, во два наврата, момчето предизвикало сообраќајки, кои завршиле со повредени, првиот пат во 2022 за што добил кривична пријава и вториот во 2023 година, кога платил казна од 300 евра, по што останал и без возачка. За последната несреќа, кога возел со голема брзина, без возачка, поминувајќи на црвено и, за жал кобно, по животот на младата Фросина, судот му одреди мерка притвор. Од кривичниот суд со поинакво толкување, велат дека за престапникот не можело да има притвор бидејќи имало заводска мерка, па затоа го пуштиле од притвор за делото трговија со дрога.
– Што се однесува до претходните судски постапки, кои биле водени против осомничениот, ја информираме јавноста, дека тој на 31.7.20204 година бил првостепено осуден, со пресуда, по кој постапувала судијата Даниела Алексовска- Стојановска, и тоа за две кривични дела: Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори со која пресуда заради неговата возраст, со неполни 20 години, а во согласно одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка, објаснуваат од Судот. Наспроти Обвинителството, од судот велат дека против возачот немало други кривични и прекршочни постапки заради несовесно возење. На Кривичниот суд не му е јасно зошто ОЈО го поврзува случајот трговија со дрога со прегазувањето на младата девојка.
Политичарите ветија промена на казнениот систем
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека револтот на граѓаните од новата жртва на несовесен возач е оправдан и оти ги поддржува протестите, најавувајќи дека ќе се спроведе ригорозна казнена политика на санкционирање на ваков тип дивеење.
-Апсолутно е оправдан револтот на граѓаните и тука нема никаква дилема и еден од начините да се надмине сето ова е токму оној систем што треба да детектира ваков тип на дивеење по булеварите и улиците не само во главниот град, туку и насекаде во државата. МВР тоа како постапка го спроведува, и наскоро ќе имаме еден таков систем што ваков тип на дивеење ќе санкционира. И тоа мора да се случи. Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика којашто ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме сме ја постигнале целта, рече Мицкоски.
За сообраќајната несреќа во која животот прерано го загуби 22-годишната Фросина се огласија и првиот човек на Министерството за правда, Игор Филков, и министерот за внатрешни Панче Тошковски.
-Некогаш нема утешни зборови, но она што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција и мојата човечка мисија ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и однатре, порача Филков.
-Јавноста со право прашува, како е можно лице кое е со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот? Ова не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија, напиша Тошковски и вети дека преку проектот Безбеден Град, ќе се стави под контрола дивеењето по улиците, нема повеќе да има селектирана правда и користење на врски.
Во кривичниот законик за делото Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, односно за несреќа со смртни последици предвидена е затворска казна од една до пет години.