Сè уште не стивнуваат реакциите во светот и кај нас по царинскиот удар што го зададе американскиот претседател, Доналд Трамп. За премиерот Христијан Мицкоски, царините од 33 отсто што ни ги воведоа САД за нас биле очекувани, но, како и европските земји, и ние не сме биле подготвени за тоа. Вели дека допрва ќе се разгледуваат начините и решенијата како да се одговори на зголемените царини. Едно од решенијата што ги наведе премиерот е потпишување договор за слободна трговија со САД. Тој информираше дека во нашиот царински тарифник, за некои групи производи има царини повисоки од 60 проценти.
Економските експерти сметаат дека и покрај тоа што ефектите од високите царини нема да бидат директни врз македонската економија, сепак, некои македонски компании ќе настрадаат. Една од домашните компании што извезуваат на американскиот пазар и чии производи се наоѓаат на полиците во маркетите во САД е „Витаминка“.
Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“, изјави за весникот ВЕЧЕР дека царините на Трамп ќе ги поскапат смоките „стоби флипс“, зачинот „дафинка“, чоколадните школки „атлантис“…
– Немаме многу инструменти за одговор со оглед на тоа што ова е глобална политика на новата администрација на САД. Ова е силен удар врз меѓународните економски договори и врз либерализацијата на размената во светот, на која се работеше години наназад. Ние извезуваме 20-30 години на американскиот пазар и досега сме немале никакви проблеми при извозот. Имаме десетина партнери со кои соработуваме. Ваквото ниво на царини е дестимулирачко за увозниците, бидејќи ќе поскапат производите за 33 отсто. Тоа значи дека Американците ќе плаќаат повеќе за нашите производи. Ние не се откажуваме од тој пазар, со надеж дека овој нивни протекционизам ќе биде со краток здив – изјави Велески.
Најпродаван производ од палетата со нивни производи во САД се смоките „стоби фипс“, кои ги има во речиси сите американски маркети, а ќе има поскапување и на другите производи од „Витаминка“.
– Ова ќе има силна дисторзија и на другите пазари и индиректно ќе се почувствуваат поголеми негативни ефекти. Ако европските производители и производи се предмет на царинење, притисокот на европскиот пазар врз нашите производи во однос на конкуренцијата и на цените ќе биде посилен – додава Велески.
Освен „Витаминка“, во маркетите во САД може да се најдат и производите на „Випро“ – Гевгелија, односно ајвар, лутеница и други преработки од домати и од пиперки. Од компанијата изјавија за весникот ВЕЧЕР дека не знаат колкави ќе бидат штетите, но дека, секако, ќе има штети, бидејќи извезуваат голем број производи на тој пазар.
Во однос на царините, премиерот Мицкоски нагласи дека предложил да се потпише договор за слободна трговија со САД и додаде дека и во нашиот царински тарифник, за некои групи производи има царини повисоки од 60 проценти.
– Уште во јануари, со тогашниот заменик на помошникот државен секретар, Александар Касаноф, разговаравме за потпишување билатерален договор во рамките на стратешкиот дијалог меѓу двете земји, во делот на економијата и на трговијата. Уште тогаш почнавме, знаејќи дека ќе следуваат вакви процеси. Мислам дека тоа беше вистинскиот пат што почнавме да го чекориме. Потоа, како дел од целиот овој процес, од наша страна се предложи да потпишеме договор за слободна трговија со САД и да нема царини. Дадов налог нашите надлежни институции да видат дали можеме да потпишеме ваков договор согласно со важечките договори и му го предложив тоа на државниот секретар за трговија на САД, Хауард Лутник. Денеска, разговор со него на оваа тема, во Брисел, имаше и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, како и со уште еден висок претставник на Белата куќа, одговорен за Балканот. Од сите страни е поздравено ова како одлична идеја – рече Мицкоски.
Доколку е возможно и доколку го направиме, потенцира, би било исклучителен чекор напред со кој би се потврдило и запечатило стратешкото партнерство.
За воведувањето на американските царини кон ЕУ во износ од 20 проценти, рече дека ќе има секундарни ефекти врз нашата економија, бидејќи не е битна земјата на потеклото, туку каде одат парите.
– Очекувам дијалогот помеѓу ЕУ и САД, кој ќе се развие во периодот што следува, да резултира со договор и дека ќе изнајдат начин да најдат решение или излез од оваа ситуација. Тоа е поголема опасност, бидејќи ние, во суштина, во 2024 година, според податоците на нашиот Државен завод за статистика, во САД имаме извезено стока во вредност од околу 110 милиони евра, а увезено 180 милиони евра и сме во дефицит. Во јануари оваа година, имаме суфицит и имаме извезено околу 21 милион евра, а имаме увезено 12 милиони евра. Како производ, најмногу извезуваме автобуси, кои ги произведува странскиот инвеститор во Скопје. Тие, како потекло, се оттука, а земјата што ги продава е Белгија, бидејќи таму е седиштето на компанијата – појасни Мицкоски.
Според статистиката, минатата година Македонија имала вкупна трговска размена со САД од 290,6 милиони евра, што е намалување за два проценти во однос на претходната 2023 година, кога нашата вкупна размена со САД била на ниво од 296,6 милиони евра.
Со оваа вкупна меѓусебна размена, САД лани биле 17. држава по ред во категоријата на 20. наши најголеми трговски партнери.
Од вкупно 290,6 милиони евра, ние во САД сме извезле, односно сме продале, стоки во вредност од 109,6 милиони евра, што е зголемување за дури 121 отсто во однос на 47 милиони евра што сме ги извезле во цела 2023 година.
А, пак, САД нам, целата мината година, ни продале стоки и производи во вредност од 180,9 милиони евра, што е намалување за 26,7 отсто во однос на претходната година. Овие податоци покажуваат дека ние со САД сме имале дефицит во размената во минатата година, но јазот бил значително намален, бидејќи извозот пораснал, а увозот бил намален.
(А.С.)