Најголем дел од загадувањето на амбиенталниот воздух е резултат на активностите на човекот и произлегува од лошото согорување на фосилните горива или на биомасата (на пример, издувните гасови од автомобилите, домашните ложишта/печки на дрва и сл.). Тоа резултира со ситни честички во воздухот, кои предизвикуваат мозочни удари, срцеви заболувања, рак на белите дробови, акутни и хронични респираторни заболувања, но и заболувања на кожата.

Една нова студија објавена во списанието „PLoS ONE“ укажува на поврзаноста меѓу загадениот воздух и кожните болести, кои ги мачат многумина во Македонија. И доктор Весна Трајкова, специјалист по дерматовенерологија во ГОБ „8 Септември“ – Скопје потврдува за весникот ВЕЧЕР дека ПМ 2,5 честичките значително влијаат на егземата и на атопијата преку директно оштетување на кожата и зголемување на воспалителните процеси. Според неа, редовната нега, заштитата од загадувањето и следењето на состојбата кај дерматолог се клучни за намалување на негативните ефекти

Зимите во Македонија станаа синоним за загаден воздух. Домашните и меѓународните медиуми честопати прикажуваат апокалиптични слики од градски смог, улици зафатени со сообраќај и луѓе што лебдат низ нив, повремено носејќи маски за заштита од загадувањето, во обид да ги сведат на минимум штетите за своето здравје.

Најголем дел од загадувањето на амбиенталниот воздух е резултат на активностите на човекот и произлегува од лошото согорување на фосилните горива или на биомасата, на пример, издувните гасови од автомобилите, домашните ложишта или печки на дрва. Тоа резултира со ситни честички во воздухот, кои предизвикуваат мозочни удари, срцеви заболувања, рак на белите дробови, акутни и хронични респираторни заболувања, но и заболувања на кожата.

СТУДИЈА: Загадениот воздух и кожните болести

Така е и во изминативе денови, кога аерозагадувањето со присуство на штетни честички беше неколку пати над дозволените граници, а таа состојба ќе се задржи и во текот на целата зима, со што, оправдано, многу граѓани се загрижени за своето здравје. Затоа информираноста за ефектите врз здравјето предизвикани од изложувањето на различните загадувачки супстанции постојано се зголемува, како резултат на истражувачките студии.

Една нова студија објавена во списанието „PLoS ONE“ укажува на поврзаноста меѓу загадениот воздух и кожните болести, кои ги мачат многумина во Македонија. Студијата го поврзува загадувањето на воздухот со ризикот од егзема, фокусирајќи се конкретно на ПМ 2,5 честичките, кои директно потекнуваат од емисијата на примарни честички или се создаваат преку секундарни реакции што вклучуваат емисии на VOCs, SO2 и на NOX од индустриските и од енергетските постројки, автомобилите (особено камионите и автобусите што користат дизел-горива) и другите извори на согорување. Воздухот загаден особено со овие честички, може прекумерно да го активира имунолошкиот систем, предизвикувајќи воспаление, кое ја прави кожата сува и подложна на чешање.

За да ја истражат оваа врска, Џефри Коен од Медицинскиот факултет „Јеил“ и неговиот тим ги анализирале здравствените податоци на повеќе од 280.000 лица, главно на возраст од педесетина години, кои учествувале во американската програма за истражување „Сите ние“, проект што им дава приоритет на различни, честопати недоволно застапени групи во САД.

Користејќи податоци за загадувањето со ПМ 2,5 од 2015 година, собрани од Центарот за решенија за воздух, клима и енергија, тимот на Коен го споредил квалитетот на воздухот на 788 локации во САД со дијагнозите на егзема регистрирани до средината на 2022 година и открил јасен тренд.

– Во позагадените области од САД имаше повеќе егзема – истакна Коен.

Нивните наоди покажуваат дека секои 10 микрограми на кубен метар ја зголемуваат концентрацијата на ПМ 2,5 повеќе од двојно од инциденцата на егзема. Џузепе Валаки од Државниот универзитет во Северна Каролина, кој не бил вклучен во истражувањето, нагласи дека студијата е научно значајна, бидејќи покажува јасна корелација кај голем број од популацијата. Тој истакна дека ПМ 2,5 може да предизвикаат реакции на имунолошкиот систем слични на оние на полен или на грини од прашина, што влијае на кожата и потенцијално на целото тело, преку вдишување.

Коен смета дека резултатите од студијата ја нагласуваат потребата од построги политики против загадувањето на воздухот.

– За оние што живеат во области со висока загаденост, Валаки советува заштитни мерки како што се носење долги ракави или престој во затворени простории во периодите на голема загаденост – пишува „New Scientist“.

ТРАЈКОВА: ПМ 2,5 ја оштетуваат кожната бариера

И доктор Весна Трајкова, специјалист по дерматовенерологија во ГОБ „8 Септември“ – Скопје, потврдува за весникот ВЕЧЕР дека ПМ 2,5 честичките значително влијаат на егземата и на атопијата преку директно оштетување на кожата и зголемување на воспалителните процеси. Според неа, редовната нега, заштитата од загадувањето и следењето на состојбата кај дерматолог се клучни за намалување на негативните ефекти.

– Загадувањето на воздухот со ПМ 2,5 честички има значително влијание врз кожните заболувања, како егземата и атопичниот дерматит. ПМ 2,5 честичките се микроскопски ситни (со дијаметар помал од 2,5 микрометри) и може лесно да навлезат во кожата и во организмот, преку дишење. Тие претставуваат еден од најопасните загадувачи поради својата способност да предизвикаат воспалителни реакции. Егземата е хронично воспалително заболување на кожата што се манифестира со чешање, црвенило, сувост и со појава на пукнатини или на плускавци. Атопичниот дерматит е хронична состојба на кожата, која е наследна и е поврзана со предиспозицијата за алергии (атопија). Се карактеризира со нарушена кожна бариера и со интензивно чешање, често започнувајќи во раното детство – вели Трајкова.

Таа појаснува дека ПМ 2,5 ја оштетуваат кожната бариера, особено кај атопичната кожа, која е веќе ослабена и поподложна на иритации и ја влошуваат оваа состојба, предизвикувајќи сушење и воспаление.

– Загадувачите предизвикуваат оксидативен стрес во кожата, што резултира со зголемено воспаление и со влошување на симптомите на егзема, како чешање, црвенило и пукнатини на кожата. Кај лицата со атопија, ПМ 2,5 честичките може да го засилат имунолошкиот одговор на алергените, што води до почести избувнувања. А, пак, со вдишувањето на ПМ 2,5 честичките може да се предизвика системски воспалителен одговор, кој дополнително ја влошува состојбата на кожата – вели докторката.

Трајкова посочува на студии што го потврдуваат ова влијание.

– Истражување објавено во списанието „Journal of Allergs and Clinical Immunologs“ покажува дека изложеноста на високи нивоа на ПМ 2,5 честички е поврзана со зголемен ризик од развој на атопичен дерматит кај децата. Друга студија во „Environmental Research“ открива дека долготрајната изложеност на ПМ 2,5 честички може да го влоши текот на егземата кај возрасните лица – потенцира Трајковска.  

Таа препорачува во деновите со големо загадување, да се избегнуваат загадените зони и редовно да се врши нега на кожата.

– Останете внатре и користете прочистувачи на воздухот. Редовно користете хидратантни кремови и бариерни производи за зајакнување на заштитниот слој на кожата. Чистете ги лицето и изложените делови на кожата по престој на отворено за да ги отстраните честичките. Носете заштитна облека и користете кремови со антиоксиданси за да ја намалите штетата од оксидативниот стрес – укажува доктор Трајкова.

Урбаното загадување ќе се влошува

Од Секторот за животна средина во Град Скопје посочуваат дека, глобално, урбаното аерозагадување со суспендирани честички и озон ќе продолжи да се влошува и е на пат да стане водечка причина за смрт ширум светот до 2050 година.

– Како резултат на наодите базирани на бројните епидемиолошки студии и тековните научни сознанија, очекувано е дека состојбите со квалитетот на воздухот во Република Македонија во последните неколку години ќе доведат до појава на штетни ефекти врз здравјето на популацијата, како и до економски загуби, поради директните трошоци поврзани со зголемената побарувачка на здравствените услуги, употребата на лекови, апсентизамот (отсуство од работа и од училиште) и друго – нагласуваат од Град Скопје.

ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ Е ОПАСЕН ЗА ДИШЕЊЕ: Метрополата – шести најзагаден град во светот

Скопје утрово се најде на шестото место меѓу најзагадените градови во светот. Според листата на IQAir, воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 158. Според платформата, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.

Како главен загадувач се наведени ПМ2,5 честичките, чија концентрација е 65,2 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 84,4 микограми на кубен метар.

Концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град беше речиси 13 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).

УНИЦЕФ: Загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот

Во Република Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи, посочуваат од УНИЦЕФ. Просечните нивоа на ПМ 10 или на ПМ 2,5 честичките ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината, во Скопје. Според новите податоци на УНИЦЕФ, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема и повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.

– Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и на органите кај бебињата, што има последици врз здравјето и врз учењето во текот на целиот живот – вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Според неа, децата уште сега го искусуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот.

– Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот таму каде што учат, живеат и си играат децата – нагласува таа.

Морталитетот предизвикан од ефектите на суспендираните честички јасно се поврзува со фракцијата на ПМ 2,5, која претставува 40-80 проценти од концентрациите на ПМ 10 во Европа. Забележана е зголемена стапка на смртност за 15 до 20 проценти во градовите со високо ниво на загадување споредено со релативно почистите градови. Дури и во ЕУ, просечниот животен век е за 8,6 месеци помал, како резултат на изложеноста на ПМ 2,5 честичките причинети од активностите на човекот.

(С.Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ