Според заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, замрзнувањето на цените што, како мерка, го направи претходната власт, дало негативен ефект во услови кога имало рекордна инфлација во историјата на Македонија.

– По таквото замрзнување на цените, доаѓа до еден галопирачки од, еден ценовен шок за граѓаните, бидејќи трговците и производителите во тој случај сакаат да надоместат сè што загубиле во периодот кога биле замрзнати цените. Притоа, ниту трговците ниту производителите биле санкционирани, напротив тие биле ад хок оставени на слободниот пазар, поради што понатаму дошло до несразмерно растење на цените – објаснува Ристески.

Тој нагласува дека новата власт го смирила растот на цените и даде „добар импулс на покачување на цените и нормална инфлација, која на крајот од годината изнесуваше 3,5 %, што е една од најниските инфлации во последниот период“.

– Најпрво со „Есенската кошничка“ беше воведено ограничување на бруто профитната маржа, а со цел да не се прави штета на македонската економија, која понатаму индиректно влијае и на стандардот на граѓаните и на инфлацијата. Истовремено, со „Училишната кошничка“, пак, се ограничи оперативно- профитната маржа, што резултираше со одлични ефекти и со стабилизирање на цените. Во тој период, гледавме дека од септември кон октомври имавме и намалување на инфлацијата на рекордни, најниски 2,2 %, што значи сме успеале во намерата. Сепак, ние сме пазарна економија и бидејќи голем дел од економските експерти велат дека не е секогаш добро мешањето на Владата со одлуки и мерки во цените на пазарот, ние се одлучивме да одиме еден чекор понатаму и со „Новогодишната кошничка“ да му дадеме шанса на бизнис-секторот да ја оправда својата општествена одговорност и степен на општествена одговорност кон граѓаните. Оваа општествено одговорна мерка, акција што не беше од Владата, потекна од самиот бизнис- сектор – прецизен е Ристески.

Тој напомнува дека на ваквата мерка ѝ претходеле опсежни разговори со стопанските комори, сите синдикати во Македонија, организацијата на потрошувачи и другите невладини организации и оттаму произлегло решението сите заедно, во интерес на граѓаните, да направат една мерка наречена „Новогодишна кошничка“, која потекнува од самиот бизнис-сектор.

ИЗДВОЕНИ