– Откако го имам станот, никогаш не сум добил толку висока сметка кога се зимските месеци во прашање. Последната сметка е 5.400 денари и тврдам дека сметката за тој месец претходната година не беше повеќе од 3.000 денари, вели скопјанец што живее во зграда во Карпош 1 во Скопје.
Некои граѓани тврдат дека воочиле дека во одредени денови струјата им се пресметува по висока тарифа, како за потрошувачите од четвртиот блок. Од „ЕВН Хоум“ појаснуваат дека корисниците се поделени на четири отчитувачки недели во месецот и дека согласно со тоа добиваат фактури за точно отчитаните датуми. Оттаму нагласуваат дека потрошената енергија од секој блок се множи по соодветната цена што важи за тој блок и така се добива вкупниот надоместок за потрошена енергија
Високите сметки за потрошена електрична енергија што ги добија граѓаните од „ЕВН Хоум“ им предизвикаа главоболка на многу корисници. Некои се одлучија да ја решат маката со големата давачка со поднесување поплака до компанијата да добијат корекција на сметката, а други тропнаа и на вратата на Регулаторната комисија за енергетика.
– Откако го имам станот, никогаш не сум добил толку висока сметка кога се зимските месеци во прашање. Станот, кој е со големина од 66 квадрати, се загрева со клима (инвертер 3,5) и поради влага, едната соба секогаш е затворена прекуден. Кога ќе се постигне посакуваната температура, климата е на мирување. Последната сметка е 5.400 денари и тврдам дека за тој месец претходната година сметката не беше повеќе од 3.000 денари. Поголема сметка од 3.000 денари не сум добил, ниту, пак, за летните месеци, кога е климата на ладење – вели скопјанец, кој живее во зграда во Карпош 1 во Скопје.
Познајник на овој скопјанец му сугерирал да поднесе барање до „ЕВН Хоум“ за корекција на сметката, а ако не доби позитивен одговор од ЕВН, да се обрати и до Регулаторната комисија за енергетика. Од пред неколку години е воведена и можноста, а на што посочуваат и надлежните, дека секој потрошувач треба сам да го контролира и да си го чита броилото, бидејќи состојбата што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во неговата сметка. Некои граѓани тврдат дека воочиле дека во одредени денови струјата им се пресметува по висока тарифа, како за потрошувачите од четвртиот блок.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, наведе дека технички е невозможно ЕВН да ги прегледува сите броила, па затоа се прави предвидување на потрошувачката, поради што голем број граѓани добиле невообичаено високи сметки за електрична енергија. Тој посочи и дека универзалниот снабдувач потоа мора да ги прифати позитивните решенија и најчесто му се компензира на потрошувачот со пребивање од следните сметки.
– Сите барања за корекции на фактура што се поднесени од корисниците, посебно се разгледуваат и „ЕВН Хоум“ доставува соодветен одговор за нив во рамките на предвидените законски рокови – велат од компанијата.
Од „ЕВН Хоум“ појаснуваат дека се поделени корисниците на четири отчитувачки недели во месецот и согласно со тоа, добиваат фактури за точно отчитаните датуми. Тоа се прави со цел поголема ефикасност во отчитувањето.
– Сите корисници добиваат фактура за потрошена електрична на месечно ниво. Во процесот на фактурирање некогаш има повеќе од 30 дена, а некогаш помалку од 30 дена, но и во двата случаи потрошувачката секогаш се сведува на дневна потрошувачка и блоковите се применуваат на дневна потрошувачка. Согласно со тоа, никогаш не се случило и не постои ни најмала можност корисникот да влезе во повисок/понизок блок поради поголемиот/помалиот број фактурирани денови. Потрошувачката секогаш се распределува соодветно – велат од „ЕВН Хоум“.
Кај домаќинствата, како посебна категорија потрошувачи, целата количина електрична енергија потрошена во високата тарифа се дели на блокови на потрошувачка и има различна цена за секој блок.
Блоковите во високата потрошувачка, кога е периодот на отчитувањето 30 дена, се:
блок 1 – од 0 kWh до 210 kWh;
блок 2 – од 211 kWh до 630 kWh;
блок 3 – од 631 kWh до 1050 kWh;
блок 4 – од 1051 kWh, па нагоре.
Пример, ако еден потрошувач потрошил 700 kWh во високата тарифа, тие ќе бидат поделени на следниот начин:
блок 1 (0 – 210) 210 kWh;
блок 2 (211 – 630): 420 kWh;
блок 3 (631 – 1.050): 70 kWh.
Многу од корисниците се во дилема и често пати го поставуваат прашањето доколку некое домаќинство што пред најновиве сметки за струја било во првиот блок и плаќало за струја по таа тарифа за прв блок, сега потрошило повеќе киловати од она што е предвидено со првиот блок, дали автоматски преминува во вториот блок и плаќа по втората тарифа која е поскапа. Ако е така, дали следниот месец, ако потроши киловати во рамките на првиот блок, повторно ќе биде вратен во првиот блок?
Од „ЕВН Хоум“ истакнуваат дека на корисниците им се распределува потрошувачката по блокови согласно со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за универзалниот снабдувач од 1.7.2022 година, според која потрошената енергија од секој блок се множи по соодветната цена што важи за тој блок и така се добива вкупниот надоместок за потрошена енергија.
Цена за kWh во блок 1: 4,4376 ден.
Цена за kWh во блок 2: 5,5664 ден.
Цена за kWh во блок 3: 7,4314 ден.
Цена за kWh во блок 4: 18,3035 ден.
– Поконкретно, корисниците што преминуваат во вториот блок ќе ја плаќаат по цена на вториот блок само разликата. Киловат-часовите потрошени во првиот блок се плаќаат по цена што е одредена за првиот блок. Ова подразбира дека доколку корисникот преминува на вториот блок, нема да му се калкулира целата потрошувачка по цена на вториот блок, туку таа потрошувачка ќе биде соодветно распределена во првиот и во вториот блок. Потрошената енергија од секој блок се множи по соодветната цена што важи за тој блок и така се добива вкупниот надоместок за потрошена енергија – велат од „ЕВН Хоум“.
(С. Бл.)