Во еврозоната, во 2021 година, 95% од младите на возраст од 15 до 24 години имале сметка, наспроти 74% од младите кај нас, исто така 90% од младите поседуваат дебитна или кредитна картичка, а кај нас 52%, покажуваат податоците од последните мерења од страна на ИНФЕ-ОЕЦД за финансиската писменост во нашата земја.
Така, младите на возраст од 18 до 29 години имаат 54% од вкупните бодови за финансиски знаења, што е малку под просекот од регионот којшто изнесува 56%, но сѐ уште постои јаз во однос на земјите од Европската Унија.
Во еврозоната, во 2021 година, 95% од младите на возраст од 15 до 24 години имале сметка, наспроти 74% од младите кај нас, исто така 90% од младите поседуваат дебитна или кредитна картичка, а кај нас 52%. Исто така, 82% од младите во еврозоната имаат некаква заштеда, а во нашата земја само 50% од младите. Дури 93% од младите во еврозоната направиле дигитално плаќање, наспроти 64% од младите кај нас. Сепак, позитивни придвижувања се забележуваат кај штедењето, при што јазот е намален од 40 на 32 п.п. и кај дигиталните плаќања од 40 на 29 п.п. во споредба со 2014 година.
– Овие бројки не треба да нè обесхрабрат, туку напротив – треба да нè мотивираат да поттикнеме промени. Тоа значи дека постои простор за подобрување преку едуцирање на најмладите уште од ученичките клупи, со заеднички напори како од страна на финансиските регулатори, приватниот финансиски сектор, така и од страна на образовните институции – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа на средбата со членовите на Сојузот за средношколци им порача на младите дека не смеат да се потпираат на непроверени извори за финансиски совети. Таа истакна дека финансиската едукација преку формалните канали не смее да биде заменета со совети од влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи“.
– Динамичните промени во финансискиот систем мора да бидат придружени со соодветни промени во образовниот систем, за да имаме младина којашто е подготвена активно да се вклучи во сите текови на општественото делување – посочи Ангеловска-Бежоска и ги повика младите да бидат љубопитни, да прашуваат, да истражуваат и постојано да ги надградуваат своите знаења, бидејќи тоа е најдобриот начин да ја обликуваат својата иднина преку одлуки засновани на информации и мудро управување со ресурсите – рече гувернерката.
Истражувањата покажуваат дека околу една третина (31%) од младите на возраст од 18 до 21 година во Обединетото Кралство се потпираат на извори на интернет, вклучително на влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи за насоки и информации во областа на финансиите, од кои 25% се потпираат главно на „Тик-ток“.
– Во светот којшто се менува со невидена брзина, во предвечерието на петата индустриска револуција, финансиското знаење не е повеќе луксуз, туку е суштинска потреба. Според начинот на кој управуваме со нашите финансии, ги донесуваме одлуките и ги разбираме економските текови, се обликува не само нашиот личен напредок, туку и стабилноста и напредокот на целото општество – истакна гувернерката.