Сменет е специјалниот пратеник на Трамп за прашањата на заложниците Адам Белер

13

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го смени Адам Белер од функцијата специјален пратеник за прашањата на заложниците, соопшти денеска Белата куќа, наведувајќи дека Белер ќе продолжи да работи на прашањата за заложниците како „специјален функционер на американската влада“, позиција за која не е потребна потврда од Сенатот.

„Адам Белер ќе продолжи да му служи на претседателот Трамп како специјален владин функционер фокусиран на преговорите за заложници. Адам одигра клучна улога во преговорите за враќањето на Марк Фогел од Русија и ќе продолжи со оваа важна работа за враќање на неправедно затворените поединци ширум светот“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, пренесе „Ројтерс“.

Официјален претставник на Белата куќа, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Белер ја повлекол номинацијата за да избегне повлекување од неговата инвестициска компанија, но неговиот потег не е поврзан со контроверзноста предизвикана од неговите разговори со палестинската милитантна група Хамас.

„Тој продолжува да има најголема доверба од претседателот Трамп“, изјави неименуван американски функционер.

Белер не одговори веднаш на барањата за коментар, но според „Аксиос“, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер го изразил своето незадоволство од Белер по тензичниот телефонски разговор минатата недела, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ