Држејќи го во раце првиот број на „Службениот весник“ на Федералната единица Македонија во демократска и федеративна Југославија, кој бил резервиран за основните акти на АСНОМ од 2 август 19444 година, министерот за правда Игор Филков во своето обраќање по повод јубилејот на ЈП Службен весник, го истакна значењето на службеното гласило за нашата државотворност.
– Првиот број ги содржи основните акти на АСНОМ од 2 август 1944 година, со кои е формирана македонската држава со сите елементи и атрибути на државноста, како телата на законодавна и извршна власт, јазикот, системот на образование, системот на здравство, никулецот на судството, платежно средство, територијална поделба на државата, бројни правилници, оперативни решенија. Но тука е и решението за определување на Илинден – 2 август за „народен државен празник на македонскиот народ и македонската држава, како симбол на сите негови борби за негово конечно ослободување од вековното ропство и создавањето на слободната и суверена федерална македонска држава“. Уште поголема е гордоста од свесноста која нашата држава ја посветила на човековите права, усвојувајќи ја Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија – истакна Филков.
Директорот на „Службен весник“, Владимир Кроневски, во своето обраќање на настанот информираше дека за овие осум децении отпечатени се над осум илјади изданија. Како што подвлече, „Службениот весник“ е хроничар на државноста на сите историски акти и документи на целата правна регулатива.
– „Службениот весник“ е гордо на минатото и е подготвено за иднината. Тоа е гаранција за правната сигурност и транспарентност во државата. Овие 80 години, оваа институција работи на објавување на законите и другите прописи и акти во печатена или во електронска форма, на генерации на граѓани низ страниците на службеното гласило и информира за државниот поредок, за промените во општеството и насоките кон кои се движи нашата држава. Времињата се менуваат, а со нив и предизвиците. Денешното работење бара нови пристапи, современи решенија и постојано приспособување – рече Кроневски и како што напомена, дигитализацијата е патот кон иднина на ова претпријатие.
Според него, дигитализацијата ќе доведе до значителна заштеда на времето за објавување и доставување на документи, но истовремено ќе има значителен придонес во заштита на животната средина. Напомена дека прават значајни чекори во градење на современа стратегија за дигиталната трансформација.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, потенцираше дека во ова македонско службено гласило, од неговиот прв број, па сè до денес, објавени се бројни закони и подзаконски акти, кои го сочинуваат правниот систем на државата, при што ги опфаќа сите значајни настани кои ја одбележаа нашата историја.
– Од своето основање до денес, ова претпријатие претставува темел на правната сигурност, извор на официјалната вистина и гарант на транспарентноста во донесувањето и примената на законите. „Службен весник“ е едно од ретките јавни претпријатија кај нас, здобиено со сертификат за квалитет и е прво Јавно претпријатие во нашата држава здобиено со сертификат за безбедност на информациските системи – рече Димовски.
(С.Бл.) – Фото: П.С.