Српските судови никако да донесат разрешница на двата случаја што ја вознемирија не само Србија, туку и целиот регион. Денеска високиот суд во Нови Сад го врати на дополнување обвинението за несреќата со падот на натстрешницата на железничката станица во тој град, при што пред повеќе од три месеци загинаа 16 лица. Истовремено, наместо да почне, судењето по обвинението за случајот со убиството на двегодишната Данка Илиќ од Бор, е префрлено во друг суд – од Вишиот суд во Заечар во Вишиот суд во Неготин.
Вишиот суд во Нови Сад соопшти дека го враќа обвинението за натстрешницата за да се дополни истрагата, со цел да се испита неговата основаност.
Од судот информираа дека „тргнувајќи од кривичното дело што им се става на товар на обвинетите и пропустите што јавниот обвинител им ги става на товар на обвинетите, а во врска со наводите изнесени во одговорите на обвинителниот акт, одлучено е дека е потребно подобро расчистување на работата, со цел да се испита основаноста на обвинителниот акт“. Наложена е наредба за дополнување на истрагата која од судот е испратена до надлежното обвинителство, обвинетите и бранителите, кои немаат право на жалба. Со ова случајот се враќа во фаза на истрага за дополнување на истрагата, за да може да се испита основаноста на обвинението, кое се однесува на 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, поранешната директорка на српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, како и Анита Димовски поранешен в.д помошник-министер во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура и Небојша Шурлан, поранешен генерален директор на „Српска железничка инфраструктура“ а.д.
Цела година нема завршница и за случајот со двегодишната Данка Илиќ, која во март лани исчезна од дворот на семејниот имот во Бањско Поле, а за нејзино убиство има обвинителен акт за две лица. Откако обвинението повисокиот суд неколку пати го врати на дополнување за да се обезбедат повеќе докази, денеска е донесена одлука судењето од Вишиот суд во Заечар да се префрли во Вишиот суд во Неготин. Апелациониот суд наведе дека обвинението за смртта на Данка Илиќ треба да се испита во изменет судски состав.
-Тоа значи дека судиите, кои на кој било начин биле инволвирани во случајот – дали се работи за определување притвор, испитување на обвинителниот акт, продолжување на притворот, не можат да постапуваат во новото испитување на обвинителниот акт. Поради ова, судот во Заечар побара да им се додаде нов судски совет, по што Апелациониот суд во Ниш оцени дека предметот треба да се префрли на најблискиот Виш суд во тој регион. Тоа е токму Вишиот суд во Неготин, вели изворот на „Блиц“, кој ја објави оваа информација.
Инаку телото на Данка Илиќ, за чие убиство се товарат две лица, не е пронајдено.