Словенката Марта Кос нова еврокомесарка за проширување – ќе добие ли Македонија ветер во грб?!

Фон дер Лајен го објави составот на новата ЕК, фокус на безбедноста

165

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го претстави новиот состав на Комисијата, во кој еврокомесарка за проширување во следните пет години ќе биде Словенката Марта Кос. Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија доаѓа на местото на Унгарецот Оливер Вархеји, кој пак, се сели во ресорот за здравје и благосостојба на животните. Очите на земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и Македонија, како и вниманието на Украина, Молдавија, Грузија и Турција, кои се во процес на проширување, се вперени во изборот на Кос, која беше номинирана откако Томаж Васел ја повлече својата кандидатура за да може Фон дер Лајен да ја постигне бараната родова рамнотежа во рамките на Комисијата. Таа потврди дека при составувањето на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па така во Комисијата сега ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.

– Кога го добив првиот сет на номинации и кандидати, бевме околу 22 отсто жени и 78 отсто мажи. Тоа беше неприфатливо. Затоа работев со земјите членки и успеавме да го подобриме балансот на 40 отсто жени и 60 отсто мажи, изјави Фон дер Лајен.

Желбата на Фон дер Лајен била на оваа позиција да биде друга Словенка – актуелната министерка за надворешни и европски работи, Тања Фајон, но како што пишуваат дел од медиумите, словенечкиот премиер Роберт Голоб се заложил секторот за проширување да го добие член на неговата партија.

Изборот на Кос сè уште не е загарантиран, затоа што таа ја нема целосната поддршка во нејзината земја, а покрај одобрување од Европскиот парламент, на кандидатите им е потребно зелено светло и парламентите во матичните земји. По номинирањето, Кос мораше да се брани од обвинувања дека соработувала со некогашната југословенска тајна служба, што таа го негираше.

На прес-конференција во Стразбур, на која официјално ги претстави новите еврокомесари и ресорите со кои ќе раководат, Фон дер Лајен вчера порача дека просперитетот, безбедноста и демократијата, заедно со конкурентноста и дигиталната и енергетската транзиција, ќе бидат основни приоритети на новата Европска комисија. Фон дер Лајен потенцира дека секој член на ЕК е еднаков и секој комесар има еднаква одговорност да ги исполни поставените приоритети.

– Целта е да се гарантира дека Европа може да ги наметне своите интереси и да предводи во светот. Сите комесари мора да работат заедно. Во овој дух, секој извршен потпретседател, исто така, ќе има портфолио на кое ќе се фокусира, за што ќе мора да работи со другите комесари, бидејќи она што влијае на безбедноста, влијае и на демократијата, она што влијае на економијата, влијае и на општеството, а она што влијае на климата и животната средина, исто така, влијае и на луѓето и бизнисот, додаде Фон дер Лајен.

Новата Европска комисија ќе има шест извршни потпретседатели од кои четири жени и двајца мажи.

Естонката Каја Калас е потврдена како нов висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, додека некогашната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева ќе го води секторот стартапи, истражување и иновации.

Според Фон дер Лајен, клучна порака што доаѓа од ваквиот состав на ЕК е дека без разлика од каде доаѓаат и без оглед на нивната позиција, сите членови на Колеџот на комесари мора да работат заедно.

Се очекува новата Комисија да започне со работа до крајот на годинава, и една од првите задачи веројатно ќе и биде да се соочи со исходот од претседателските избори во САД во ноември.