Словенечкото собрание ги усвои денеска измените на Законот за здравствени служби, кои воведуваат речиси целосна забрана за двојна пракса за лекарите и останатиот медицински персонал, а со измените им се забранува на вработените во државните здравствени установи да работат и кај приватник, пренесе агенцијата СТА.
Министетката за здравјео Валентина Преволник Рупел истакна дека двојната пракса ќе биде можна само во исклучителни случаи.
Измените на законот имаат за цел да ги поттикнат лекарите да работат надвор од своето редовно работно време на своите матични јавни установи, но повеќе не како самостојни претприемачи.
Измените на законот на здравствените служби се усвоени во првото читање, а пратеникот на Левица Миха Кордиш е единствениот пратеник од владејачката коалиција кој гласаше против.
Кордиш рече дека измените на законот нема да ја спречат приватизацијата на здравството, туку дури и ќе го забрзаат во одредени точки.
„Нема доследна поделба на јавното и приватното здравство, ниту дефинитивно елиминација на лекарите со двојна пракса“, рече тој.
Пратениците од владејачкото мнозинство изјавија дека со измените се прави неопходно разграничување меѓу јавното и приватното здравство, што, како што оценија, е клучен чекор во тековната реформа во здравството.
„Најголемата лага што ја читаме и слушаме… е дека законот не им носи ништо на пациентите и не ги става пациентите на прво место“, рече Тамара Козловиќ од владејачкото Движење за слобода.
Социјалдемократите (СД) порачаа дека треба да се додаде амандман со кој ќе се обврзат концесионерите кои се дел од јавната мрежа на здравствени установи да работат на непрофитна основа.
Лекарските организации се спротивставија на измените на законот, а Координативното тело на лекарски организации неодамна најави дека ќе поднесе спор до Уставниот суд.