Словенија е хит во последниве години за младите што сакаат да студираат надвор од Македонија. Додека нашите студенти мака мачат како да ги покријат трошоците за студирање, кои од година на година се сè повисоки, Словенија нуди бесплатно студирање и многу бенефиции за студентите. Наспроти реакциите на младите дека и концептот на високото образование во земјава не дозволува да се истакнат најквалитетните кадри, сопственикот на агенцијата „Коузон“, Зоран Кочоски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека младите се помотивирани да се докажуваат надвор отколку во сопствената држава, вложуваат повеќе труд и работодавците ги задржуваат. Тој предупредува и дека најголем број од студентите што студираат во Словенија, остануваат да работат и да живеат таму, со што студирањето во Словенија е една форма на индиректна миграција |
Високите трошоци за студирање и концептот на високото образование, за кој младите во земјава велат дека не дозволува да се истакнат најквалитетните кадри, ги бркаат студентите од Македонија. Додека нашите студенти мака мачат како да ги покријат трошоците за студирање, кои од година на година се сè повисоки, европска држава како Словенија нуди бесплатно студирање и многу бенефиции за студентите. Голем број универзитети од Словенија доаѓаат во Македонија да ги презентираат условите за студирање таму и да ни ги соберат најдобрите ученици.
Во прилог на студентите не им одат ниту новите покачувања на трошоците за студирање во Македонија. Деновиве, дел од студентите се пожалија на социјалните мрежи дека некои од факултетите им наплаќаат дополнителни трошоци, кои изнесуваат 3.500 денари и се наменети за материјални и за онлајн ресурси. Ова предизвика револт кај дел од студентските собранија, кои се повикаа и на Законот за високо образование, каде што во членот 123 стои дека „тековните трошоци на јавните високообразовни установи во целост се надоместуваат од буџетот на Република Македонија“.
МОН може да посредува, но нема ингеренции
Поради зголемените трошоци, некои од студентските собранија ги повикаа студентите да не ги плаќаат овие дополнителни трошоци. Сличен проблем имаше и во септември минатата година, кога при уписот на зимскиот семестар, дел од факултетите ги покачија цените. Од Факултетското студентско собрание сметаат дека ваквите трошоци не треба да одат на грбот на студентите и како што објавија и на социјалните мрежи, ќе побараат итен состанок со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во најбрзо време да се реши проблемот.
Јаневска во петокот изрази уверување дека факултетите ќе им излезат во пресрет на студентите. Таа очекува и студентите, и факултетите, да имаат разбирање за ситуацијата и дека може да се дојде до договор. Во однос на барањето за средба, таа рече дека МОН со студентската организација има континуирана соработка и постојани средби.
-Тоа не сум лично јас, тоа се секторите и службите од Министерството. Веќе сме информирани за тоа што студентите го бараат. Секако дека постои можност да дојдеме до договор. Сметам дека факултетите, но и студентите, ќе имаат разбирање за целокупната ситуација. Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции. Но, обврска наша е да помагаме и на едните и другите, сепак за развој на образованието и науката, изјави министерката Јаневска.
Индиректна миграција
Сопственикот на агенцијата „Коузон“, Зоран Кочоски, во изјава за весникот ВЕЧЕР потврди дека сè поголем број млади од Македонија одат да студираат во Словенија, поради можностите што ги нуди таа. Тој предупредува дека најголем број од студентите што студираат во Словенија, остануваат да работат и да живеат таму.
– Студирањето во Словенија е една форма на индиректна миграција. Словенија си ги пополнува работните места преку млади, кои студираат таму и најголем дел остануваат затоа што добиваат бенефиции. Во Словенија, има задолжителна практика на факултетите и работодавците, преку практика, ги задржуваат најдобрите работници кај себе. На овој начин, Словенија го решава проблемот со работната сила за потребите на компаниите и на стопанството – вели Кочоски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Кочоски напомена и дека со ваквиот начин на индиректна миграција, Словенија ни го зема кајмакот и најдобрите студенти си заминуваат и не се враќаат.
– Словенија ни ги зема добрите студенти, кои, од мотивираност да се покажат надвор, вложуваат повеќе труд и работодавците ги задржуваат. Младите се помотивирани да се докажуваат надвор отколку во сопствената држава – додава Кочоски.
Платена работа за студентите
Трендот на иселување на младите од Македонија, кои одат да студираат надвор, последниве години е сè позабележлив. Една од најчестите земји каде што одлучуваат младите да го продолжат високото образование е Словенија. Во оваа земја, освен можноста бесплатно да студираат, студентите добиваат и многу бенефиции како попуст за јадење во мензи, пекарници, ресторани, превоз и сместување, можност да се најде работа со флексибилно работно време, попуст во некои од музеите, театрите и во другите културно-уметнички објекти. Ова за весникот ВЕЧЕР го потврди македонска студентка, која во моментов студира во Словенија.
– Доколку си запишан како редовен студент таму, бесплатно е сѐ. Школарина за факултет не се плаќа, единствено што се плаќа е некоја такса, околу педесет евра. Што се однесува до придобивките, дипломата е европски признаена. Што значи дека имаш поголем спектар држави во кои ќе можеш да работиш. Кратко кажано, повеќе отворени врати. Со самиот статус на студент таму, автоматски ги добиваш истите права како и нивните студенти. Прво, добиваш студентски бонови, односно попуст за јадење во многу ресторани, мензи, пекарници… Оброкот изнесува околу 5 евра и во него се вклучени супа, главно јадење и десерт. Потоа добиваш можност да работиш како студент преку студентски сервис. Работодавците се флексибилни со нас, студентите, односно работиш кога можеш и кога имаш време, а те плаќаат од час. Најмалата саатница е шест и пол евра, а некаде достигнува и до 10 евра, зависи од видот на работата. Освен тоа, имаме некои попусти за музеи, базени, театри – изјави студентката.
Македонските студенти не се задоволни од стандардот и сметаат дека цените за семестар се премногу високи и дека има и многу дополнителни трошоци.
– Не сум задоволна, образовниот систем не соодветствува со времето во кое живееме, а и школарините се многу високи – изјави една студентка.
Некои од студентите сметаат дека работите се подобриле, но дека треба уште многу работа за повисок стандард.
– Според мене, студентскиот стандард е за нијанса подобар од претходните години, но има уште многу работа. Недостигаат многу работи како што се пониски цени и повеќе можност за докажување, како и практична работа – вели друга студентка.
Министерството за образование за оваа година предвиде 30 милиони евра од буџетот на Македонија за подобрување на студентскиот стандард, што е 18 проценти повеќе од буџетот за минатата година.
Освен Словенија, голем дел од младите одат на студирање во Италија и во Грција. Пред пандемијата, голем дел од студентите одеа во Бугарија – во Софија и во Пловдив, но сега, поради политичката ситуација, оваа тенденција е намалена. Во последно време, исто така се забележува тренд на студирање на младите во Унгарија. (С. Би.)