Селекторот на македонската машка сениорска ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, дополнително повика нов ракометар за реваншот против Словенија, во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година. За реваншот, кој е закажан за утре (18:30 часот), во Копер, Лазаров го повика кружниот напаѓач на Вардар, Михаил Аларов, кој ќе му приклучи на националниот тим по повредата на членот на РК Алкалоид, Никола Маркоски.

Аларов беше на списокот на резерви на Лазаров за двомечот со Словенија од квалификациите за ЕП 2026, но сега доби дополнителен повик. Покрај Маркоски, претходно од комбинација отпадна левото крило Петар Атанасијевиќ, а два дена пред мечот со Словенија се повреди Дамјан Митев.

Македонија загуби од Словенија со 32:26, на првата средба во Скопје. На вториот меч од нашата група, Литванија ја совлада Естонија на гости и изби на второто место на табелата, на која води Словенија, а Македонија е трета. Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четирите најдобри од третопласираните обезбедуваат пласман на континенталниот шампионат во 2026 година.

Според пишувањето на словенечките медиуми, за реваншот меѓу Словенија и Македонија се продадени сите билети и салата „Бонифика“, која има капацитет од околу 3.000 седишта, ќе биде исполнета, но и малку обоена во црвено-жолта боја, бидејќи се најавени македонски навивачи.

Иако губеа со шест гола во првото полувреме на натпреварот во Скопје, на крајот Словенците успеаја да си заминат со целиот плен и ќе бидат големи фаворити на домашен терен, против нашата селекција.

Македонија е на третото место, со 2 бода, Литванија е втора со 4, а Словенија е лидер со максимални 6 бода од три натпревари. Освен мечот со Словенија, утре, во Копер, до крајот на квалификациите нашите момци ќе играат уште со Естонија на гости и дома со Литванија. Овие натпревари ќе бидат клучни за пласман на ЕП наредната година.

 

ИЗДВОЕНИ