Иван Штрпка (р. 1944) е истакнат словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач, а наградата „Златен венец“ на СВП му се доделува за богатиот, автентичен и значаен поетски корпус создаван во текот на шест децении. – Нашата надеж е да живееме посуштински и повеќе. Да одиме по непознатиот пат, да не ја загубиме храброста да бидеме поети – вели годинашниот лауреат Иван Штрпка во поздравното писмо испратено по повод наградата
Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2025 година. Советот за доделување на СВП одлучил „Златниот венец“ да му биде доделен на Штрпка за неговиот богат, автентичен и значаен поетски корпус создаван во текот на шест децении, меѓу 1960 и 2025 година, беше објавено на денешната прес-конференција што се одржа во МАНУ. Членовите на Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ едногласно ја донеле одлуката лауреат да биде истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач, кој за пишувањето поезија рекол: „Пишувањето е процес во кој постојано постојам. Човекот треба да пишува не само за да избегне бесчувствителност и лудило туку и за да му помогне во неговиот напор да го развие светот на сопствената перцепција и да му даде артикулација“.
Иван Штрпка е роден во 1944 година, во Хлоховец, Република Словачка. Во шеесеттите години на минатиот век, заедно со поетите Иван Лаучик и Петер Репка, ја основа поетската група „Осамени тркачи“, која го напиша манифестот „Враќањето на ангелите“, кој беше забранет. Во него стануваше збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура. Во текот на Кадифената револуција во 1989 година, беше соосновач и активист на движењето Јавноста против насилството, како и главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Негова дебитантска книга е „Краткото детство на копјаниците“ (1969). По книгата „Тристан дрдори“ (1971), имаше десетгодишна забрана за објавување. Има издадено цела низа поетски книги, три книги есеи и романот „Заложник“. Меѓу неговите најнови книги се: „Тивка рака. Десет елегии“ (2006), „Фрагмент (од витешката) шума“ (2016), „Кај што е мантилот, таму е ветрот“ (2018), „Чекорењето на Хермес“ (2022), „Гестови, факти, први лизгачи“ (2025). Добитник е на повеќе книжевни награди и е преведуван на многу европски јазици. Живее во Словачка, во Братислава.
– Уште од самиот почеток, Штрпка покажува интерес за големите теми на современата цивилизација поврзани со моралните, идентитетските и со естетските вредности, како и со ангажманот на писателот. Тој негов интерес за човечката егзистенција се изразува во песните на мошне конкретен начин, низ слики од секојдневието, низ фрагменти со кои ги доловува меѓучовечките односи, односите меѓу мажот и жената, меѓу индивидуата и општеството, меѓу телесното и емоционалното – посочи академик Катица Ќулавкова во својата беседа за лауреатот.
Како што додаде таа, неговото пеење е непретенциозно, суптилно, неговите поетски описи и секвенци се полни со подробности, секоја песна е мала кутија со подвижни слики, сегментарна, филмска епизода и блага ментална досетка, а меѓу универзалните теми што ги опева спаѓа и утопијата.
– Штрпка е и ќе продолжи да биде илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија, која се спротивставува на поетичките и на политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора кон светот и го покажува својот сензибилитет кон т.н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски. Поезијата на Иван Штрпка треба да се чита не само семантички туку и семиотички, поетички и културолошки. Не толку „отвореноста“ колку нејзините огледалност, повеќеслојност и метафизичност ја прават поезијата на Штрпка посебна, оригинална, пријателски настроена кон читателот. Таа има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Читана од културна и временска дистанца од 50, 30 или 10 години, поезијата на Штрпка се доживува како духовна придобивка што ги надминува рамките на Словачка, па и на Европа. Затоа што она што постигнало степен на совршенство, не знае за граници – истакна академик Ќулавкова.
Пред присутните во МАНУ беше прочитано и поздравното писмо од годинашниот лауреат, Иван Штрпка, кој во него ја искажува големата чест и признание да ја прими наградата „Златен венец“ за 2025 во Македонија, на еден од најзначајните меѓународни фестивали во современиот свет на поезијата без граници, во Струга. Лауреатот на СВП во писмото ја истакнува и сатисфакцијата што влезе во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и токму нему.
– И детето знае дека песната живее преку зборовите и низ зборовите. Зборовите се неопходни. Ама поезијата ги надминува своите зборови. И прераснува во сопствено значење. Тивко признавам дека, потајум, секогаш одново се обидувам да станам, барем за миг, поет. Се движам, се трудам. Но кој е тоа, всушност, помеѓу нас, токму денес? И што значи тоа? Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме притоа попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот. Тоа е важно токму денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и нивните визии се мошне небезбедно разнишани… Нашата надеж е да живееме посуштински и повеќе. Да одиме по непознатиот пат, да не ја загубиме храброста да бидеме поети – вели Штрпка во писмото.
По свеченото прогласување на лауреатите на „Струшките вечери на поезијата“ за 2025 (добитник на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“) и читањето неколку нивни песни, следуваше традиционалното поетско читање од членови на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите, во чест на 21 март, Светскиот ден на поезијата.
Годинашните „Струшки вечери на поезијата“ ќе се одржат од 21 до 25 август, а наградата „Златен венец“ ќе биде доделена по 60. пат. (Н.И.Т.)
„Мостови на Струга“ за Матеуш Шимчик и „Потребни се извори“
Наградата „Мостови на Струга“ за 2025 на „Струшките вечери на поезијата“ ја доби Матеуш Шимчик за својата дебитантска збирка „Потребни се извори“.
– Читајќи го неговото првенче, збирката „Потребни се извори“, се добива впечаток дека тоа не е родено од чиста желба да се напише книга, туку од длабоката потреба да се постават конкретни прашања чии одговори вреди да се зачуваат во стиховите. Преку нив од индивидуалното искуство може да се извлечат инспирации, потребни извори, со чија помош индивидуата ќе се извлече на површината. Силните страни на оваа збирка се: подготвеноста да се тестираат многу перспективи и аверзијата кон лесни и брзи одговори – истакна на прес-конференцијата Елизабет Барануаи- Кукунешоска, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“.
Како што додаде таа, Шимчик се грижи ова читање да биде интензивно искуство и по формата што им ја дава на песните и по мотивите што ги допира, а меѓу кои се воочената макотрпност на секојдневието, заморот на телото, неразговараната минливост, борбата против напнатоста на натрупаните мисли.
– Во „Потребни извори“ се среќаваме со ритмички фрази, хаику, смешни рими, вербални скокови, повторувања што понекогаш ни паѓаат на ум, лелек или играње со ехо. Не недостигаат и подолги форми – како што се извадоци од дневници или белешки – набљудувања од секојдневниот живот, кои силно укажуваат на потребата да се најдат изворите – посочи Барануаи-Кукунешоска.
Матеуш Шимчик е роден во 1989, во Вроцлав (Полска), каде што моментално живее. Во 2022година ја освои главната награда на поетскиот конкурс „Јацек Бјережин“, а на списокот со своите литературни победи во 2024 го додаде и триумфот на престижниот натпревар „Кажимјера Илаковичувна“. Oбјавен е во неколку полски книжевни списанија, a „Потребни се извори“ е негова дебитантска поетска збирка. На конкурсот „Мостови на Струга“, оваа година пристигнале 10 наслови. (Н.И.Т.)