Скопјани останаа без азиската слоница Дуња. Од скопската Зоолошка градина соопштија дека слоницата угинала вчера. Имено, сопствениците од Белгија „Pairi Daiza”, кои ја позајмиле на нашата Зоолошка, одлучиле со тимот експерти (ветеринар, офталмолог и сениор зоо-негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледувале да ја евтаназираат слоницата.

-Ниту еден третман ниту операција не можеше да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија беше од стручниот меѓународен тим за таа да не страда – појаснуваат од Зоолошката градина.

Оттаму додаваат дека последнава година слоницата Дуња појавувала симптоми на длабока старост и изнемоштеност и ѝ биле констатирани повеќе здравствени проблеми, типични за нејзината шестгодишна возраст.

-Дуња речиси и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем – наведуваат од Зоолошката градина.

Притоа, тврдат дека за процесот на обдукција и останките ги следеле законите и правилата, но се консултирале и со тим од Факултетот за ветеринарна медицина.

Дуња, најголем дел од својот живот го има поминато во шведски циркус, патувајќи низ цела Европа. Со забраната за користење на животни во циркуси точки, оттаму Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza”, каде што се констатира дека, за жал, поради трауматичното минато двете слоници, Дуња и Даела, нема да можат да живеат во социјална група со други слонови.

Оттогаш, во 2018 година доаѓаат во Скопје за да ги живеат нивните „пензионерски денови”.

Посетителите на Скопје ЗОО од 29.9.2018 имаа прилика да уживаат и да се едуцираат со нивното присуство. Даела сега остана сама, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови.

Претходно, на крајот на јануари, во Зоолошката угина една од трите жирафи, позната под името Орка, додека во јануари 2021 година угина и втората жирафа Тобого. Во јавноста тогаш беше објавено дека Тобого починал од срцев удар. Во ноември, 2023 година, угина и последната жирафа Флопи, која заедно со нејзиниот негувател ја исплетоа најтажната приказна, која го освои светот. Флопи почина по смртта на нејзиниот негувател Ристе, кој 12 години им даваше несебична љубов и грижа на жирафите. Приказната за Ристе и Флопи дојде до светските медиуми, кои известуваа за големата трагедија, за која некои дури пишуваа дека Флопи починал од тага по својот негувател.

Инаку, угинувањето на слоницата Дуња денеска беше тема и на партиски препукувања.

Од СДСМ велат дека последните информации оти пцовисала слоницата Дуња е кулминација на негрижата и уништувањето на ова прекрасно место.

-Во последните месеци и години пцовисаа многу животни – две жирафи, тигар, коњи и други животни. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои Данела Арсовска на граѓаните им ја продадоа како најдобрата менаџерка, а потоа се скараа поради бизнис-интереси, треба да одговараат за оваа нечовечност – сметаат од СДСМ. И од ЛДП изразија загриженост за случувањата во скопската Зоолошка градина и бараат одговорност во врска со последниот скандал на смртта на слоницата Дуња и итно расчистување на случајот и транспарентност од страна на надлежните органи.

Реагираа и од здружението за заштита на животните „Анима мунди“, потенцирајќи дека веста за трагичната смрт на една од слониците Дуња, повторно разбудила кај нив бес и загриженост за благосостојбата на дивите животни, кои, како што велат, под параван на „едукација и забава“ се држени како затвореници во современа човечка творевина ни малку слична на нивниот природен хабитат. Бараат да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале Дуња и итно да се затвори Зоолошката градина, бидејќи потенцираат условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и ни малку се едукативни и забавни.

(А.П.)