Слободан Милошевиќ почива под липа во Пожаревац, а мозокот му е во Хаг?

553

Во понеделникот се навршија 18 години од смртта на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, што беше повод повторно да оживеат  шпекулациите дека во неговото погребано тело недостасувал мозокот, кој наводно останал во Хаг.

Дел од српските медиуми деновиве доста се занимаваат со таа тема пренесувајќи искази на очевидци. Медиумите потсетуваат дека повеќе лица кои во време на смртта на Милошевиќ работеле за Меѓународниот кривичен трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, своевремено за ББЦ ја потврдиле приказната за која со години се шушкало по ходниците на Трибуналот, а тоа е дека телото е испорачано на семејството, но мозокот е задржан во Холандскиот форензички институт во Хаг.

Телото на Милошевиќ, кој беше затвореник во Шевенинген веќе 18 години почива под липа во семејната куќа во Пожаревац. Но, пред да се испорача на семејството во рамки на истрагата за смртта која паралелно со холандските власти ја спроведувал Трибуналот, извршена е обдукција.

-Потоа во затворен ковчег телото е предадено на неговиот син Марко кој дошол од Москва да го преземе. Меѓутоа, за длабинска токсиколошка анализа на мозокот која сакале да ја извршат холандските патолози, било потребно повеќе време, па мозокот наводно останал во Институтот, објавија неколку српски медиуми, посочувајќи дека за ова новинарот Дејан Анастасијевиć пишувал за ББЦ во 2018 година.

Сепак, патологот Зоран Станковиќ, поранешен начелник на ВМА, за “Политика” објасни дека при обдукција никогаш не се зема цел мозок.

-Кога ќе се случи затвореник да умре во затворски околности, тогаш при обдукцијата се земаат и делови од внатрешните органи за хемиски и токсиколошки анализи. Се земаат телесни течности, крв, урина и содржината на желудникот, како и делови од мозокот, белите дробови, џигерот, бубрезите, срцето, тенкото и дебелото црево… Кога таквите делови се користат за анализи , обично се чуваат шест месеци или една година, за случај да се потребни дополнителни анализи. Потоа се уништуваат, бидејќи поради биолошките процеси не можат повеќе да се анализираат, рече Станковиќ, додавајќи дека обично се земаат 100 грама од мозокот.

-Се сеќавам дека телото на Милошевиќ во март 2006 година е вратено во Србија без мозокот, изјавил за ББЦ Кристијан Шартије, кој во тоа време бил портпарол на судот во Хаг.

Тој додал дека не знае што се случувало потоа, односно дали мозокот е вратен на семејството цел или во делови, дали останал во Институтот или е уништет.

Флоранс Артман, која во 2006 година беше портпаролка на главната обвинителка на Трибуналот, Карла Дел Понте, пак, има изјава дека поради строгите закони за заштита на приватноста не можело да се провери дали во Институтот останал само мозокот или и други делови на телото.

Милошевиќ во саботата изутрина на 11 март 2006 година беше пронајден мртов во ќелијата на протворската единица во хашкото предградие Шевенинген. Извршена е обдукција, која според официјалната информација на патолозите покажа дека починал од срцев удар.