„Сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја“, кажа академик Катица Ќулавкова на отворањето на изложбата на Трајче Чатмов во Чифте-амам
„Религија, митологија или слободна мисла“ е насловот на најновата изложба на македонскиот уметник Трајче Чатмов, која завчеравечер беше отворена во галеријата „Чифте-амам“, во Скопје, во присуство на голем број љубители на уметноста. Пред јавноста беа претставени над 70 дела на Чатмов, а присутните имаа можност да ги разгледаат сликите создавани во повеќе техники, акрил на платно, лавиран туш и комбинирана техника на хартија.
„Како што укажува самиот наслов, се работи за двата големи наративи во западноевропското сликарство врз кои се базира и оваа изложба. Но, иако овие два наратива се доминантни тој не ги меша, туку тие резултираат во една слободна мисла во која што имаме можност да уживаме“, посочи на отворањето на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија н Македонија.
Академик Катица Ќулавкова, пак, посочи дека неговите дела се особено инспиративни. „Сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет со помош на боите“.
Таа додава дека во најновото сликарство на Чатмов од 2025 година би можеле да се издвојат два доминантни тематски циклуси: (1) архетипски мотиви и митски слики и (2) старозаветни и новозаветни библиски мотиви.
„Меѓу нив постои мотивска испреплетеност, па затоа класификацијата е ориентациона. Погледнати како целина, овие два циклуса го сочинуваат ликовниот светоглед на Чатмов, го покажуваат неговиот сензибилитет, неговите пасии и неговите опсесии. Двете тематски предлошки се навидум различни, но суштински се надополнуваат, гранични се по однос на инспиративната матрица (цивилизацискиот и духовниот прототекст). Поради тоа, тие си реплицираат една на друга и се варираат една со друга“, додава Ќулавкова.
Притоа посочи дека ликовните дела на Чатмов на креативен индивидуален начин ги отелотворуваат длабоките колективни страдања низ историјата, било тие да имаат митски, религиски или историски предзнак.
„Истовремено се перформанс на човечката фасцинација пред Чудата од коишто е обележана појавата на човештвото и без коишто животот на единката би бил премногу банален, лишен од екстаза… Тој не е нешто што се опфаќа со еден поглед еднаш за секогаш. Напротив. Тој вели „врати се, погледни ме повторно, ветувам дека следниот пат ќе се преобразам во твоите очи“, рече Ќулавкова.
Самиот автор, пак, ја повика јавноста да ги погледне неговите дела, надевајќи се дека тие ќе допрат до нив и ќе предизвикаат коментар… (Д.Т.)
Фото: Ѕ. Плавевски