Слепиот тунел на железничката пруга од Kоридорот 8 ќе „прогледа“ доколку постои јасна посветност од бугарската страна дека тој е приоритетот, рече премиерот Христијан Мицкоски, кој објасни дека нацрт-договорот за заедничка изградба што го достави Бугарија е одобрен на последната владина седница.
– На последната владина седница е усвоен Договорот во којшто треба јасно да се прецизира обврската на страните во случајот. А тоа е дека македонската страна презема обврска да го изгради делот од Крива Паланка до влезот во тунелот. Тунелот да има влез и излез, а не влез и до половина да застане, што ќе биде заеднички проект. Потоа од бугарска страна да се изгради делницата од Ѓуешево до приклучокот со националната железница на соседна Бугарија, тоа се два-три километри, а потоа Бугарија да побара средства од ЕУ со што ќе ја модернизира делницата од таа точка до Софија за да можеме да имаме функционална целина – истакна Мицкоски и рече дека од македонска страна веќе се работи на втората делница од пругата до Бугарија на Kоридорот 8.
За да ова стане реалност потребно е јасна посветеност од бугарската страна, дека навистина тоа што го потпишаа во Вашингтон, а тоа е приоритетот на Коридорот 8 дека тоа сакаат навистина да го видат.
За да железничкото поврзување на земјите од Kоридорот 8 стане реалност, Мицкоски нагласи дека ќе треба да се разговара и со Албанија и да се види како таму властите размислуваат за изградбата на делницата од Драч до границата со Македонија
–Коридорот 8 подразбира железничко поврзување од Бургас до Драч. Тоа е Коридорот 8. Сакам ова да биде јасно. Ако некој мисли дека коридорот 8 е да потрошиме пола милијарда евра за да ги поврземе Крива Паланка и Куманово, не. Тоа е само 5 до 7 проценти од вкупната должина на коридорот 8 кој треба да ги поврзе Бургас и Драч. Во спротивно, јас ќе бидам како овие пред мене, ќе ги потрошам парите, ќе начекаме изведувачи кои случајно имаат адреса на компанијата која е иста со адресата на една опозициска политичка партија. Ако го видите списокот на подизведувачи на моменталните изведувачи, многу лесно ќе ги поврзете со денешната опозиција, а тогашна Влада. И тогаш што сме направиле? Ќе речете вие, исти се и овие, ништо не се различни. Јас сакам да видам проект во којшто навистина ќе потрошиме пари, ваши пари, на народот, но барем ќе имаме некаков бенефит од тоа, односно нешто вие ќе добиете – рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека направена е работна група од наша страна составена од министерот за транспорт, министерот за надворешни работи, министерката за финансии и директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“. Тој очекува иста таква група од највисоко ниво да биде формирана и од бугарскаta страна.
(С.Бл.)