„Како и сите други натпреварувачи и јас имав 4 минути да и ја пренесам пораката на Европа. Јас се преставив како никој, кој сака да му каже на било кој, дека постои некој, кој го сака секој. На Европа едноставно, и понудив алтернатива. Од една страна вистинското живеење, а од друга страна живуркање на животот. Па судејќи по реакциите од публиката и освоеното 3. место од интернет гласовите, верувам дека пораката не е само пратена, туку и разбрана и прифатена“, вели за весникот ВЕЧЕР Миланчо Пендев, македонскиот претставник на неодамнешното Европско слем -првенство во Кошице, Словачка

 

Во Кошице, Словачка, во организација на Слем поетри од оваа земја, неодамна се одржа Европското слем-првенство за 2024 година на кое учествуваа слемерки и слемери од 32 европски земји, вклучително и Македонија, Србија, Хрватска и Грција од регионот. Глобалната публика и овој пат имаше можност да го слушне овој специфичен начин на изразување на пишаниот збор и поезијата и да гласа онлајн, а македонскиот национален претставник Миланчо Пендев го освои третото место. Токму по повод ова признание зборуваме со Пендев за неговите впечатоци од учеството на еден ваков европски настан, но и за поезијата, инспирацијата и пораката која ја носат неговите песни. А слемот е една изведба, искажан збор полн со емоции и порака, поезија за подигнување на свеста кај сите луѓе при што се пренесуваат силни мотивирачки пораки. Ова е изведба на поезија со микрофон, сцена, публика, глума…

 

Годинава ја претставувавте нашата држава на Европското слем –првенство во Словачка, на кое се натпреварувавте со докажани европски слемери при што се слушна и Вашиот глас. Но кажете ни нешто повеќе за досегашно Ваше творештво.

Повеќе од 20 години творам и пишувам поезија и проза. Но, сето тоа некако изгледаше срамежливо и без да излезе во јавноста. Пресудно за мене беше кога ме поканија 2021 година да учествувам на Националниот натпревар во слем поезија кој се одржуваше во Прилеп. Од тогаш пак, наваму, инспирацијата за пишување се повеќе и повеќе расте. Како плод на таа моја интензивност и активност на тоа поле, во 2022 година, излезе и мојата прва книга, составена од песни во проза “Jас и јас” која беше извонредно прифатена од читателите.

 Темата со која настапивте на ова европско првенство носеше наслов – “Разговор со мртвите“. Со што конкретно се претставивте во Словачка?

На прв поглед темата делува како нешто страшно, грдо, недопадливо, непопуларно, но всушност тоа беше приказна која зборуваше за луѓето, животот и среќата. Всушност, тоа беше едно мое лично видување на животот од една многу специфична и поразлична перспектива споредено со вообичаените поимања и разбирања за него. Во приказната, смртта е одговор на тоа, што заначи животот. Одговорот од мртвите е многу едноставен: Ништо!!! Но од друга страна, продолжувам, животот е се, ако го гледаме низ призмата на љубовта кон Бога и љубовта кон ближните. Ако е мотивот љубовта, милоста, добрината, наспроти, славата, богатството и себичноста, тогаш ние луѓето ќе го оправдаме човечкото во нас и она за што сме создадени да бидеме. И нашиот живот тогаш ќе има вредност.

Кojа порака сакавте да ja пренесете на европската слем публика со Вашата поезија?

Впрочем како и сите други натпреварувачи и јас имав 4 минути да и ја пренесам пораката на Европа. Јас се преставив како никој, кој сака да му каже на било кој, дека постои некој, кој го сака секој. На Европа едноставно, и понудив алтернатива. Од една страна вистинското живеење, а од друга страна животарање на животот. Па судејќи по реакциите од публиката и освоеното 3 место од интернет гласовите, верувам дека пораката не е само пратена, туку и разбрана и прифатена.

Какви се Вашите искуства од ова учество?

Како и претходните 10 години, и во 2023 во Прилеп во организација на Театарска работилница, се одржа Националниот натпревар во слем поезија. И секоја година победникот обезбедува учество на Европскиот слем. Оваа година честа да ја преставувам Македонија во Европа ми припадна мене.Сѐ уште сум под импресии, и не можам да си ги средам впечатоците, но во секој случај, Европското првенство за мене беше едно сосема ново искуство кое љубоморно ќе го чувам до крајот на мојот живот. Таму научив една многу важна поука, дека слемот не е само еден натпревар, туку живот и идентитет. Ќе повторам, освоив трето место, но дружењето со останатите учесници и споделувањето на разни искуства, направија да се чувствувам посебно ценето и сакано. Си дојдов полн со живот и многу поразлични погледи кон него.

На што работите во моментот и дали и во иднина би сакале да учествувте на еден ваков натпревар?

Во моментот работам и за брзо време очекувам да излезе и мојата втора книга, еве ќе го откријам и насловот  “Мозаикот на среќата.” Но секако тука не заостануваат и моите учества и многубројните поетски читања на разни настани манифестации. А на вашето прашање, дали би сакал да учествувам повторно на еден ваков грандиозен настан, мојот одговор е, со нетрпение ќе го очекувам и го посакувам тоа, но и чекор понатаму, еден ден да бидам и Европски претставник на некое од наредните светски првенства. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ