Под влијание на влажен воздушен бран од Медитеранот, утре (среда) како и во четврток ќе има повремени врнежи од дожд, кои утре (среда) најпрвин ќе ги има во западните предели, а во текот на утрешната вечер и ноќ кон четврток ќе се прошират на повеќе места низ Македонија и ќе бидат пообилни во западните предели (локално над 25/30 литри воден талог на метар квадратен), кога на повисоките планини, над 1600/1700 метри надморска височина ќе има врнежи од снег и снежната покривка ќе се зголеми.
Според најновата временска прогноза на Метеоаларм за време на овој влажен бран, повремено ќе засилува ветерот од јужен и од југоисточен правец. По котлините и понатаму ќе има услови за појава на магла и ниска облачност, особено во ноќните и во утринските часови.
Во текот на овој влажен бран, повремени, но послаби врнежи од дожд ќе има и во Скопскиот регион, а повремено ќе дува и слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Што се однесува до температурите, наутро тие речиси насекаде ќе бидат над нулата, со исклучок на високите планини. Максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 15 степени. Во Скопје и околината наутро температурата ќе биде позитивна, или за неколку степени над нулата, а преку ден таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 13 и 15 степени.