Продаден е дел од имотот на поранешно „Фени” во стечај, ќе следи авансна распределба на паричните средства од стечајната маса. Купувач на имотот е Друштвото за производство на метали ГОЛДЕН ИГЛ НИКЕЛ ДООЕЛ од село Возарци и парите се веќе уплатени на сметката на стечајниот должник. Веста ја потврди судијката Лилјана Ситникоска, портпарол на Основен суд Кавадарци.
Портпаролката на судот подвлече дека со оглед на ваквата состојба, ќе следела авансна распределба на паричните средства од стечајната маса. За тоа, стечајниот управник требало да изготви план за авансна распределба. Тој план требало да го одобри стечајниот судија. По одобрувањето, во рок од осум дена, паричните средства ќе биле исплатени на доверителите.
Ситникоска истакна дека согласно член 117 од Законот за стечај, во побарувања од повисок исплатен ред спаѓале нето плати, придонеси од плата за пензиско и инвалидско осигурување и надоместоци, за периодот од последните три месеци, пред отворањето на стечајната постапка.
На два пати досега, транспортери кои своевремено возеа руда за комбинатот, протестираа барајќи над два милиона евра за транспортот и изразувајќи незадоволство што, како што рекоа, имот проценет за над десет милиони евра, се огласил за продажба за околу 2,3 милиона евра.