Следнава недела ќе биде готово техничкото решение за санација на мостот кај Башино Село

17

Стручњаци од Градежниот факултет од Скопје, предводени од деканот проф. д-р Горан Марковски извршија наменско испитување на мостовската конструкција на мостот на реката Вардар кај Башино Село, кој поради влошената состојба на носечките столбови, од 4 јануари годинава е затворен за сообраќај. Марковски најави дека следнава недела ќе биде целосно готово соодветното техничко решение за санација на мостот, а ќе значи и старт за негова санација и привремено оспособување.

Според неговите првични проценки очекува мостот да биде саниран за месец и половина и потоа привремено приспособен за сообраќај. Тој и неговите колеги извршија пробно товарање на мостот со камиони од 40 тони, статичко и динамичко на горниот строј на мостот на носачите, за да видат во каква состојба се и од тој аспект да можат да донесат конечно решение што понатаму со мостот.

– Нашата основна цел е да го оспособиме мостот да може времено да се користи за сообраќај, а со што градот ќе се растовари од сообраќај, појасни проф. д-р Марковски.

Тој потенцира дека една од целите на техничкото решение е што побрзо да се оспособи мостот на Вардар кај Башино Село.

– Рокот за кој ќе се санира мостот зависи од неговата оштетеност, што по денешното снимање на мостот, резултати ќе ги утврдиме за некој ден. Јас очекувам за месец и половина мостот да биде пуштен на повторно користење – појасни деканот Марковски.

Најави дека размислуваат на мостот на Вардар кај Башино Село да постават и постојан мониторинг, а со цел да бидат сигурни како мостот ќе се однесува кога ќе се пушти во сообраќај.

– Ќе видиме до кој степен сега ќе се изврши санација,а  од тоа потоа ќе зависи и како понатаму ќе се користи овој мост. Инаку техничкото решение од Градежниот факултет е при крај, па во наредните неколку дена како и што ветивме  ќе го предадеме на Јавното претпријатие за државни патишта, а по што тие треба да одберат изведувач кој ќе ја изврши санацијата на мостот – појасни Марковски.

При минатонеделната посета на мостот, премиерот Христијан Мицкоски најави дека по завршување на сите административни процедури ќе следува трајно решение, односно изградба на нов мост на Вардар кај Велес на педесетина метри подолу од постојниот, а неговата изградба да започне кон средината на идната година.

ИЗДВОЕНИ