
Кристијано Роналдо е најголема ѕвезда во дресот на Ал Наср затоа што важи за еден од најдобрите фудбалери во историјата. Сосема очекувано, Арапите му ги дадоа сите овластувања, па тој буквално може да прави што сака, а некои сметаат дека тој дури и носи одлуки за тимот.
Сепак, се чини дека не е недопирлив, или така мислеше Стефано Пиоли. Славниот Италијанец, кој раководеше со Милан, а сега е тренер на Ал Наср, го извади Роналдо од теренот во 60. минута од мечот со Ал Холода. Иако неговиот тим водеше со 3:1, Роналдо беше видно незадоволен од потегот на Пиоли.
Роналдо ита кон 1000 гола (моментално има 929) и затоа сака постојано да е на теренот. Сепак, Пиоли сметаше дека треба порано да ја напушти играта кога неговиот тим ќе го контролира резултатот.
Пиоли сега би можел дури и да зажали за одлуката, бидејќи наводно клупските челници се подготвувале да му врачат отказ и се верува дека пресудно бил лошиот однос со Португалецот, иако и резултатите не се најдобри.
Ал Наср е трет во Саудиска Арабија со 51 бод и има дури 10 помалку од водечкиот Ал Итихад, додека втор е Ал Хилал со 57 бодови. Пиоли на тој начин би можел да се врати во Италија и се споменува како можен наследник на Клаудио Раниери во Рома.
Што се однесува до Роналдо, неговата иднина е неизвесна, а се верува дека во текот на летото барем би можел да замине на позајмица во некој европски клуб бидејќи Ал Наср нема да игра на Светското клупско првенство.
Португалецот моментално заработува 200 мил. евра по сезона, па нема причина да биде незадоволен доколку остане во клубот.
И покрај тоа што го има Роналдо во своите редови, трибините на Ал Наср не се полни, па на последниот натпревар имаше само нешто повеќе од 12.000 гледачи, а навивачите на овој тим виновникот го најдоа токму во поранешната ѕвезда на Реал (М) и Манчестер Јунајтед.
„Никој веќе не доаѓа на нашите натпревари. Имаме помалку гледачи од минатата сезона“, се вели во Х пост на навивачки профил на Ал Наср.
„Петиција за раскинување на договорот со Роналдо“, „Дали за ова му плаќаме 200 милиони евра по сезона?“, „На луѓето им е доста од пенали“ се само дел од коментарите.