Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, обвини дека до ден-денес скопската градоначалничка, Данела Арсовска, нема доставено до Советот предлог-програми за развој, кои треба да бидат составен дел од буџетот за 2025 година.
– Според буџетскиот календар, најдоцна до 20 октомври 2024 година, до Советот на Град Скопје требало да се достават за одобрување предлог-програмите за развој, кои Советот требало да ги одобри најдоцна до 15 ноември, по што тие стануваат составен дел од буџетот – истакна Славески.
Тој оцени дека Арсовска треба да сноси одговорност за, како што вели, ваквото несовесно и неодговорно работење, кое може да предизвика целосна блокада во функционирањето на Градот и побара таа јавно да му се извини на советникот Стефан Кирков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
По реакцијата, од Град Скопје го прашаа Славески дали ќе побара одговорност од градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Кулминација на незнаењето на Трајко Славески. Господине Трајко, сакајќи да се оправдаш кај твојот шеф, Мицкоски, за штетата што ја правиш од твоето елементарно непознавање на законите што ги „тангираат“ градот и општините, не само што се ставаш себеси во незгодна ситуација туку и им правиш трајна штета на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, иако имаат буџетски календар изгласан од Советот, немаат доставено предлог-буџет, а рокот им бил до вторникот. Ќе побараш ли одговорност од нив, Трајко? Или да почекаме што стратегија ќе направите за да се извадите и од овие глупости во кои сами се вовлековте од незнаење, со единствена цел да наштетите некому, а преку тоа на цел град, за ситни политички поени – се вели во реакцијата на Град Скопје.
Претходно, советникот Кирков кажа дека Арсовска не поднела предлог-буџет за 2025 година во законски предвидениот рок, кој истече, со што му се заканува целосна блокада на Град Скопје.
Арсовска стана градоначалничка на Скопје со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, а беше поддржана и од Алијанса за Албанците. На средината од септември 2022 година, „пукна“ довербата меѓу неа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Одлучи да ги разреши секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ од функциите, кои, пак, добија поддршка од Мицкоски. Таа ги обвини за несовесно постапување за тендерот за пречистителна станица. Мицкоски велеше дека чесно работеле.
(А.П.)