И додека граѓаните мака мачат да стигнат до саканите дестинации, чекајќи со часови на автобуските постојки коментирајќи: „Од кога на кој било му е гајле за народот. Пустите сакаат да си препишат заслуги за следен пат кога ќе се на власт, до тогаш трпи (научени сме, ни чини очигледно)“, Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ водат вербална војна. Арсовска го повика претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, да закаже седница на чиј дневен ред ќе ја стави иницијативата за зголемување на цената по изминат километар на приватните превозници, бидејќи го дала своето мислење и оти со тоа се исполнети условите за нејзино свикување. Тој им порача на приватните превозници да не наседнуваат на манипулациите на скопската градоначалничка Данела Арсовска, бидејќи како што кажа таа е непредвидлива жена, поради што можат да останат на улица и без леб
Приватните превозници во Скопје повторно не возат. Нивните возила се паркирани во гаражите, а ваквата одлуката е донесена на координацијата на превозниците кои завчера доцна попладне ги исклучија своите возила од сообраќај во знак на револт, откако нивното барање за зголемување на таксата по изминат километар не беше разгледано на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.
Јовица Зафировски, претставник од приватните превозници за весникот ВЕЧЕР, изјави дека ќе почекаат да бидат побарани од надлежните: Град Скопје или Советот на Град Скопје.
– Неколку пати упатувавме јавно барање за проширен состанок со надлежните институции за да се најде решение за проблемот, но досега никој не се јави – истакна Зафировски.
Тој објасни дека за да се покрие зимскиот возен ред, вкупно се потребни 355 автобуси и на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и на приватните превозници и 100 автобуси да има во резерва.
– Притоа, ЈСП треба да има 266 за да го покрие зимскиот возен ред, додека приватните превозници 89. Тоа значи дека имаме во резерва 111 автобуси. ЈСП во моментов има 133 автобуси со кои сообраќа дневно. Ние можеме да помогнеме и во овој дел, доколку се најде решение за цената, доколку ни се исплати заостанатиот долг и да ни се верификуваат извештаите – нагласи Зафировски.
Тој рече дека за денеска е закажан состанок за да решат што ќе преземат понатаму.
Претседателот на Советот, Трајко Славески, им порача на приватните превозници да не наседнуваат на манипулациите на скопската градоначалничка Данела Арсовска, бидејќи како што кажа таа е непредвидлива жена, поради што можат да останат на улица и без леб. Објасни дека иницијативата на превозниците била доставена премногу доцна за да биде вклучена на седницата, но дека ќе биде разгледана од градоначалничката Арсовска.
Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој денеска истакна дека писмено се обратил до градоначалничката Арсовска и побарал да го каже нејзиниот став дали прифаќа зголемување на цената за изминат километар на приватните превозници.
– Воедно побарав доколку прифаќа да даде конкретен предлог за колку проценти би било тоа зголемување, но и да објасни како зголемената цена би се одразила врз финансиското работењето на ЈСП. Ако негативно се одрази, како мисли да го надомести евентуалното намалување на приходите на ЈСП и дали можеби ќе предложи зголемување на цената на услугите кои ЈСП ги наплаќа од граѓаните, или ќе предложи зголемување на износот на субвенции кои од буџетот на Град Скопје во континуитет му се исплаќаат на ЈСП – истакна Славески, потенцирајќи дека Советот на град Скопје не носи одлуки без предлог на градоначалникот.
На прес-конференцијата што ја одржа вчера тој нагласи дека Арсовска треба да сноси одговорност, бидејќи како што нагласи врши диверзија во јавниот градски превоз.
– Таа во континуитет ги подбуцнува приватните превозници да прават проблеми. Да потсетам пред две години кога тие штрајкуваа им ги раскина договорите и почна постапка за избор на нови. Сега четири, пет месеци ги толерира – нагласи Славески.
Тој повтори дека нема услови за свикување на седница, бидејќи нема предлог-одлука од градоначалничката.
– Бидејќи е прогласена кризна состојба, Владата има мерки и инструменти да го реши овој проблем – потенцираше Славески.
На прашање дали има некој побарано свикување на вонредна седница, тој рече дека за сега нема и објасни дека вонредна седница може да свика градоначалникот, претседателот на Советот на Град Скопје и 1/3 од членовите на Советот.
Арсовска денеска одговори дека од нејзина страна на Славески веднаш му било доставено мислењето, со што, како што вели, се исполнети условите согласно Статутот и Деловникот за работа на Советот на Град Скопје за ставање на иницијативата како точка на дневен ред на Седница на Советот на Град Скопје.
– Од страна на Секторот на поддршка на Советот добив известување дека мислењето кое од моја страна беше доставено до Претседателот на Советот на Град Скопје, според него е нерелевантно, со што го прекршува Статутот и Деловникот за работа на Советот на Град Скопје и си ги пречекорува сопствените овластувања. Претседателот на Советот нема право да толкува мислење на градоначалник ниту истото да не го прифаќа, туку само да го достави до советниците – образложи Арсовска.
Таа, исто така, го повика Славески да собере храброст и да донесе одлука да го стави прашањето на приватните превозници на дневен ред и заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе поддржат и ќе прифатат зголемена цена за превоз.
И додека граѓаните мака мачат да стигнат до саканите дестинации, чекајќи со часови на автобуските постојки коментирајќи: „Од кога на било кој му е гајле за народот. Пустите сакаат да си препишат заслуги за следен пат кога ќе се на власт, до тогаш трпи (научени сме, ни чини очигледно)“, Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ водат вербална војна.
Претходно, Град Скопје, реагираше и обвини дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да ја стават точката на дневен ред, сметајќи дека барањето за зголемување на цената е дел од стратегијата за продлабочување на кризата во јавниот превоз.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, нарекувајќи ја Арсовска, самопрогласена „реформаторка на јавниот сообраќај и кума на хаосот со јавниот превоз“, ја повикаа на отчетност и доколку таа е подготвена на тоа, тогаш и советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје ќе бидат подготвени да го поддржат предлогот за нови автобуси.
Арсовска пак возврати дека ако таа е кума на хаосот, тогаш Мицкоски е гробарот на јавниот превоз.
-Реформата на јавниот сообраќај која ја споменуваш „патриоту” Мицкоски, ти ја вети заедно со мене пред скопјани, ти ја саботираш таа реформа, ти го колабираш со своите полтрони советници јавниот превоз. Мицкоски, ти не гласаш за нови автобуси затоа што побарав сите партии во Советот на Град Скопје да се вклучат во избор на спецификација и услови за набавка, ама така ти „патриоту” Мицкоски нема да можеш да преговараш со производители на автобуси како што правеше на почетокот на мандатот кога за тебе бев најдобриот менаџер во Европа – реагираше Арсовска.
Таа додаде дека се што разбрала јавноста во овие изминати години е дека не може да му се верува на Мицкоски.
– Исто како за враќање на името на Македонија, исто како за уставобранителите, исто како и за набавката за нафта за ЈСП која преку твојата директорка Богева ја поништи, за да креираш криза од која сега ќе не спасуваш – заклучи Арсовска.
Од ВМРО-ДПМНЕ на тоа додадоа дека Арсовска не само што неуспешно се справува со градските проблеми, таа никако да сфати дека не е важна и дека никој не и верува.
-Граѓаните на парламентарните избори на 8 мај на Арсовска јасно и дадоа црвен картон. Секој збор на Арсовска претставува само бесмислена апстракција и празно ветување. Изгледа дека реформите се случуваат само во нејзината глава, таму автобусите пристигнуваат на време, граѓаните се среќни, а нејзините извинувања звучат искрено. Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да чекаат. Чекаат автобуси. Чекаат решенија. Чекаат да замине – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму и порачуваат на Арсовска да престане да се крие зад Град Скопје, бидејќи она што е невидливо, како што велат во оваа нејзина конструкција е тоа што 500 вработени во Град Скопје секој ден се жалат на нејзиното водство. Нагласуваат дека Арсовска се уште не може да го разбере главниот проблем, а тоа е дека на скопјани им треба функционален и одговорен лидер, а не лидер со политичка импотенција.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, на вчерашната прес-конференција истакна дека многу време пред да се случи состојбата со ЈСП, во Владата имале состанок со градоначалничката Данела Арсовска која тогаш ја информирала централната власт дека ситуацијата е одлична и дека ќе се справи со неа.
– Дојдовме до степен каде што имавме ваков застој. Се надеваме како Влада дека по завршување на набавката нема да се случи ваква состојба. Како Влада ќе помагаме во секој момент и онолку колку што можеме – изјави Митева.
(А.П.)