Екипата на Шкупи приреди големо изненадување на гостувањето во Битола, откако го совлада вицешампионот Пелистер со 86:90, во рамките на 7. коло во Првата македонска кошаркарска лига. Ова, за Пелистер, е втор пораз сезонава во домашниот шампионат.
Новиот прволигаш дојде како апсолутен аутсајдер во Битола, но прикажа извонредна игра во текот на сите 40 минути и заслужено стигна до сензационалната победа.
Американците беа во главна улога кај Шкупи, Арчи беше најефикасен со 26 поени и 12 скока, Вилијамс постигна 20 поени и 13 скока, а одлична игра прикажа и Стојановски, завршувајќи го натпреварот со 23 поени, 10 скока и две асистенции. Кај Пелистер, најефикасни беа Антоан со 26 и Бојиќ со 19 коша.
На другите два натпревара, Кожув славеше на гости кај Гостивар со 66:68, а гостински триумф извојува и Чаир 2030 против ТФТ со 92:94.