Во галеријата, објект на библиотека „Другарче“ (Кинотека на Македонија), на 9 април во 19 часот, ќе биде отворена јубилејна изложба на уметникот и педагог Харалампие Манчев -Хари, по повод 40 години творештво и 35 години воннаставни активности. Пред љубителите на уметноста, тој ќе се претстави со триесетина дела, дваесет скулптури-композиции и десетина слики и цртежи создавани во изминатите 25 години.
„Ликовниот уметник и педагог Харалампие Манчев-Хари ги поканува гледачите да ги посматраат, допираат, истражуваат и уживаат во убавините на неговите дела, без разлика дали се работи за скулптури, слики, витражи или цртежи, неговите уметничките творби се вистинска ерупција на креативност, одраз на уникатен поглед на уметникот кој истовремено е длабоко личен и универзален и ја одразува убавината, богатството и комплексноста на човековото искуство“, вели Љубен Луј Ѓорѓиоски, теоретичар на визуелни уметности. Тој додава дека скулптурите на Манчев најчесто се извлечени од чистите природни облици на дрвото или од веќе готовите утилитарни дрвени форми (јарем, рало, фурка) обоени со јасно нагласено бои.
„Во дрвените скулптури се преплетува природната форма, уметничката креација и традиционалните мотиви, така што уметникот создава мост меѓу минатото и сегашноста. Овие нови дела, скулптури од дрво, не се само одраз на неговата уметничка визија туку и прослава на македонското културно наследство…“, додава Луј Ѓорѓиоски.
Манчев ќе се претстави, како што самиот вели, и со портрети и слики – апстракција.
Настанот ќе биде придружен со промотори, поети, писатели, историчари на уметност и концерт на студенти од Факултетот за музика при Универзитетот Еуропа-Прима. Изложбата ќе биде проследена со репродукции на фотографии преку видеобим во холот.
Инаку, Манчев (1962, Скопје) е дипломиран ликовен педагог со вајарство, работи како стручен секретар во Детскиот ликовен центар и член е на Здружението на ликовни педагози од 1996 година. Во текот на својот работен век работел како професор во основните училишта „Живко Брајковски“ во Чаир и „Гоце Делчев“ во село Љубанци, како и во Прифатилиштето за деца и млади „25 Мај во Чаир“, како и на афирмација и популаризација на трудот на децата, учениците, нивните ментори и ликовните педагози кои се и ликовни творци.
Манчев има реализирано повеќе самостојни изложби, а учествувал и во голем број групни изложби, како и на ликовни колонии. (Д.Т.)