По повод 90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997), еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, во Даутпашин амам е отворена изложба на која љубителите на уметноста можат да се запознаат со неговото обемно творештво. Пред љубителите на уметноста се претставени скулптури, цртежи и графики на Маневски, поточно 98 негови дела.

„Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет“, беше посочено на отворањето на изложбата. За творештвото на Маневски и неговото значење зборуваа историчар на уметност Викторија Васева Димеска, директорката на Националната галерија Маја Неделкоска- Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска-Михајловска.

Иако Маневски пред сè е препознаван по скулптурите, тој негувал интерес и за цртежот и графиката, кои се исто така високо вреднувани.

„Маневски со своите цртежи создава сложени асоцијативно-симболични опстановки. Неговата често композитна техника, во која цртежот како обичен потег на перото или на четката алтернира со боени плохи или колажи на колористички исечоци (обично исполнети со форми од светот на техниката и механиката), е погоден инструмент за такви настојувања. Кореспонденцијата на цртежите со скулптурите на Маневски, во ликовно-пластична смисла, не се одвива толку во насока на директна заемна формативна, обликовна сличност. Меѓутоа, нив ги сврзува токму мисловно-емоционалната атмосфера која им е заедничка. Во цртежите, меѓу фини градации на колористички површини, во кои е втиснато чувството на одминување, на патина, на преплетување на органското со механичкото, се раѓа необична симболика на форми: чудна асоцијативност на некакви тотемско-сакрални објекти и, од друга страна, на ‘технички’, ‘машинизирани’ форми“, беше истакнато.

Инаку, Стефан Маневски е роден на 25 декември 1934 година во Скопје. На Академијата за ликовни уметности во Белград, дипломира во 1960 година. Уште како студент, во 1957 година ја добива првата награда, поточно Трета награда за скулптура на Универзитетскиот одбор на белградските студенти. Маневски во 1963 година ги завршил постдипломските студии на истата академија во класата на професорот Јован Кратохвил. Истата година се враќа во родното Скопје и се вработува како наставник по ликовно образование во ОУ „Кирил и Методиј“, кое се наоѓа во центарот на градот. Се зачленува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во 1963 и оттогаш започнува активно да твори и изложува. Во 1965 година, во Работничкиот дом во Скопје, била отворена неговата прва самостојна изложба, куратор на изложбата бил Влада Урошевиќ. Добитник е на голем број награди, а едно од неговите последни остварувања е монументалниот релјеф „Без наслов“ (1993, обоен метал и панел, 5,65 х 1,80 м) во фабриката „Раде Кончар“ во 1993. Починал ненадејно во Скопје на 12 јули 1997.

Куратори на изложбата се Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска- Брзанова. (Д.Т.)

Фото: П. Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ