Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави оти и тие побарале да ги преземат ингеренциите oд Град Скопје во однос на одржувањето на хигиената и да земат дел од опремата, односно машините, за да работат.
Во телевизиско гостување, тој истакна дека тоа го имаат побарано сите 10 скопски општини.
– Даваме сѐ од себе да ја подигнеме хигиената на повисоко ниво. Баравме да ги преземеме ингеренциите од Градот Скопје, сите десет општини да земеме дел од опремата, машинеријата, за да работиме. Од состаноците што ги имаше претседателот на ЗЕЛС, сега-засега немаме конкретен одговор. За жал, граѓаните не ги знаат ингеренциите и секогаш прстот прво е вперен кон првиот човек на општината – кажа Герасимовски.
Тој додаде дека најголемите забелешки на сите оние што го посетуваат Градот, особено на странците, е токму хигиената.
– Ова е огромен проблем за кој апелираме долго време. Дури често знаеме да го собереме сметот таму каде што не се наши ингеренциите. Ингеренциите во делот на булеварите и на контејнерите ги има Градот, ние 10. општини во градот, имаме ингеренции за хигиената во нашите споредни општински улици. Ние сме општина со најмногу хигиеничари. Поради големата фреквенција во градот, имаме 120 хигиеничари. Во изминативе години, купивме и цистерна и секаква дополнителна опрема, сѐ со цел да ја подигнеме хигиената на повисоко ново – дециден е Герасимовски.
Тој истакна дека фотографиите со смет што беа објавени се од Дебар Маало, кога ги донел децата на училиште, во близина на ООУ „Коле Неделковски“, каде што речиси секој втор ден контејнерите се преполни, а жителите и децата треба да го прескокнуваат ѓубрето, што е недозволиво за Општина Центар.