Скопските булевари навечер стануваат тркачки писти

34

Од МВР информираа дека вчера биле одземени десет возила поради предизвикување голема бучава, но и поради учество во т.н. диви трки на булеварот „Трета македонска бригада“ во Скопје. По пријава од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, трките биле сопрени и привремено биле одземени десет патнички моторни возила, поради основано сомнение за нивна техничка неисправност. Според податоците во билтенот на МВР, во петокот и во деновите од изминатиов викенд, како резултат на сообраќајните контроли спроведени од полициските службеници на патиштата во земјава, биле издадени вкупно 2.553 платни налози, повеќето во однос на прекршување одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

 

И покрај предупредувањата и укажувањата, возачите со повисок адреналин не се откажуваат од дивите трки со автомобили. Тие продолжуваат со дивеењето, пребрзото возење и со непочитувањето на сообраќајните прописи и правила, кои се навистина сериозен проблем во државата, но и во главниот град. Освен што ја загрозуваат безбедноста, тие предизвикуваат и голема бучава.

Тоа го потврдуваат и информациите од Министерството за внатрешни работи, според кои во неделата биле одземени десет возила поради предизвикување голема бучава, но и поради учество во т.н. диви трки на булеварот „Трета македонска бригада“ во Скопје.

По пријава од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, трките биле сопрени и привремено биле одземени десет патнички моторни возила поради основано сомнение за нивна техничка неисправност.

– Возилата ќе бидат однесени во станица за технички преглед, каде што од стручни лица ќе се утврди дали е технички исправни и дали ги исполнуваат условите за учество во сообраќајот – се наведува во соопштението од МВР. 

Весникот ВЕЧЕР, пред два месеца, пишуваше и предупреди дека трките со автомобили во ноќните часови, кои се одвиваа на периферијата на Скопје пред шест-седум години, односно на приодите (кај Сингелиќ, Автокоманда), сега се преселени во центарот на градот. Сега трките се одвиваат по главните скопски булевари: „Партизански одреди“, „Илинденска“, „Видое Смилевски-Бато“, „Јане Сандански, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Трета македонска бригада“… иако помалку изразени во зимскиот, а повеќе во летниот период, кога се поповолни временските услови.

Според податоците во билтенот на МВР, во петокот и во деновите од изминатиов викенд, како резултат на сообраќајните контроли спроведени од полициските службеници на патиштата во земјава, биле издадени вкупно 2.553 платни налози, повеќето во однос на прекршување одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

– Притоа, поради непрописно паркирање, беа изречени 545 прекршочни платни налози и речиси исто толку, односно 543 прекршоци по основ на неприспособена брзина на движење, согласно со пропишаната. Исто така, евидентирани се и 150 прекршоци поради користење мобилен телефон при возење, 340 платни налози за некористење сигурносен појас, како и 20 прекршоци по основ на неносење заштитна кацига при возење мотоцикл. Во посочениот период, дури 252 учесници во сообраќајот биле затечени без возачка дозвола, 104 лица управувале под дејство на алкохол, седум минале на црвено светло, а биле санкционирани и 12-мина пешаци – се наведува во билтенот.

Инаку, според Законот за возила од сообраќај, вкупно биле отстранети 81 возило, од кои 28 поради техничка неисправност, а 58 затоа што не биле регистрирани.

Од МВР нагласуваат дека продолжуваат сообраќајните контроли и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и, како што велат, „заедно да придонесеме за посигурни патишта“.

Од МВР и претходно излегоа со фрапантни податоци, според кои само во текот на јануари, на ниво на целата држава, полициските службеници поднеле над 14.000 прекршочни платни налози за констатирани сообраќајни прекршоци.

– Најголем дел од тие прекршоци биле поради управување возило со брзина над дозволената – над 3.200, потоа околу 1.800 возачи се санкционирани бидејќи управувале возило без поседување возачка дозвола, над 600 возачи не користеле сигурносен појас, над 380 возачи користеле мобилен телефон додека управувале моторно возило и други прекршоци согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата – информираат од МВР.

Ништо подобро не е ни во главниот град. На подрачјето на Скопје, во јануари биле поднесени над 3.600 прекршочни платни налози, од кои најголем дел, односно над 450 лица управувале без да поседуваат возачка дозвола, над 270 возачи управувале со брзина поголема од дозволената, околу 200 лица не користеле сигурносен појас, над 150 возачи користеле мобилен телефон додека управувале возило и други прекршоци.

За тоа што презема МВР за да се зголеми безбедноста, оттаму велат дека се реализираат превентивно-едукативни кампањи во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во насока на потсетување и информирање на учесниците во сообраќајот за стриктно почитување на сообраќајните правила и прописи како неопходно поведение во интерес на личната и на општата безбедност на учесниците во сообраќајот.

Граѓаните се вознемирени и загрижени поради ваквата состојба. Некои од нив сметаат дека ќе се смири дивеењето на младите доколку се воведат полициски контроли во ноќните часови, односно да патролираат полицајци со возила по овие сообраќајници.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Никола Крстаноски, вели дека основното решение што се применува во светот е да стави во функција системот „Безбеден град“.

– Бескомпромисно, 24 часа да се следи состојбата на улиците и да се казнува неселективно секој прекршок. Кај нас се неопходни контроли – дециден е Крстаноски.

Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со ставање во функција на системот „Безбеден град“, контролата ќе биде построга, а казните неизбежни.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ