Скопскиот аеродром во февруари, кoj e најкраткиот месец во годината, опслужил 177.994 патници, што претставува благо зголемување од 0,3 проценти во споредба со тој месец лани. Со овој број на патници, Скопје е рангирано на 124. место во Европа, веднаш зад аеродромите во Фиренца, Корк и во Салцбург, но пред Сантијаго де Компостела во Галиција, Инсбрук и Рованиеми, покажува анализата на „Ексјуавиејш“. Сепак, кумулативно за првите два месеца од годината, аеродромот забележал вкупно 386.622 патници, што е за 5,1 процент помалку во однос на тој период во 2024 година
Скопскиот и Охридскиот аеродром бележат околу 600 илјади патници во првите три месеци од годинава. Според податоците од аеродромскиот оператор, од 1 јануари, заклучно со 27 март, преку меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети апостол Павле“ – Охрид патувале 597.086 патници и биле реализирани 4.933 лета.
Скопскиот аеродром во февруари, кoj e најкраткиот месец во годината, опслужил 177.994 патници, што претставува благо зголемување од 0,3 проценти во споредба со тој месец минатата година. И покрај позитивниот тренд во февруари, бројот на движења на авиони бележи пад од 3,8 проценти. Со овој број на патници, Скопје е рангирано на 124. место во Европа, веднаш зад аеродромите во Фиренца, Корк и во Салцбург, но пред Сантијаго де Компостела, Инсбрук и Рованиеми. Сепак, кумулативно за првите два месеца од годината, аеродромот забележал вкупно 386.622 патници, што е за 5,1 процент помалку во однос на тој период во 2024 година, односно 20.728 патници помалку.
Во текот на зимската сезона 2024/2025 година, од 24 октомври лани до 19 март годинава, се превезени вкупно 1.034.562 патници и се реализирани 8.479 лета.
Аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ ја заврши минатата година со 3.174.484 превезени патници на меѓународниот аеродром „Скопје“ и на охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“, што е зголемување од еден процент во однос на 2023 година.
За годинава се очекува зголемувањето на бројот на патници да остане константно. Статистиките укажуваат на стабилна, но сè уште предизвикувачка динамика на авиосообраќајот на Скопскиот аеродром, на почетокот од летната сезона.
Лани во август, Владата усвои сет мерки за зголемување на бројот на патници и најави нова програма за периодот од 1 јануари годинава до 31 декември 2027 година, во износ од 125 милиони денари (над два милиона евра) годишно или вкупно 375 милиони денари (речиси 6,1 милион евра) за поддршка на авиосообраќајот. Променет е начинот на финансиска поддршка и субвенциите се доделуваат за авиодестинации наместо како претходно, на авиокомпании. Поддршката од седум евра за превезен патник од Скопскиот аеродром се зголеми на девет евра, а на Охридскиот аеродром наместо 4,5 евра како претходно, се доделуваат 12 евра за превезен патник.
Каква е состојбата на превезени патници на другите комерцијални аеродроми на просторот на поранешна Југославија, анализа направи порталот „Ексјуавиејшн“, но се опфатени првите два месеца од годинава. Анализата покажува дека вкупно 3.495.866 милиони патници поминале на аеродромите во поранешна Југославија, од кои 1.662.167 патувале во февруари.
Аеродромите во Ниш и во Охрид бележат намалување на патничкиот сообраќај, најмногу поради скратувањето на капацитетот на „Визер“. Сараево е на 144. позиција, зад Шенон, Ла Палма и Кутаиси, но пред Монпелје, Каунас и Лил. Аеродромот во Подгорица бележи пад.
Во првите два месеца од 2025 година, Белград и Приштина влегоа во топ-100 најфреквентните европски аеродроми, заземајќи го 68. и 95. место. Белград е веднаш зад Софија, Фуертевентура и Малта, но пред Базел, Тенерифе и Келн. Приштина е пред Луксембург, Рим Чампино и Кишињев. Загреб се најде на 104. место – зад Њукасл, Тронхајм и Тромсо, но пред Вроцлав, Ставангер и Калијари.
Во првите два месеца од годинава, Истанбул и Лондон се во речиси мртва трка за најпрометни аеродроми во Европа. Истанбул (главен аеродром), во периодот јануари – февруари, бележи 12.130.049 патници, а лондонскиот аеродром „Хитроу“ – 12.037.632. Парискиот аеродром „Шарл де Гол“ превезол 10.344.634, а мадридскиот аеродром – 10.007.117 патници. Понатаму, Амстердам бележи 9.497.326 патници, Франкфурт – 7.790.630, Барселона – 7.444.616, Истанбул „Сабиха Гокчен“ – 6.889.292, Рим „Фјумичино“ – 6.406.973 и Лондон „Гетвик“ – 5.296.904 патници.
Во февруари, водечки авиокомпании според бројот на закажани седишта во регионот беа „Визер“, „Ер Србија“, „Рајанер“ и „Туркиш ерлајнс“.
(С. Бл.)