На свечена церемонија организирана од Меѓународниот совет на аеродроми (АCI), која на 25 септември се одржа во Атланта, САД, Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (АSQ) за 2023 година. Скопскиот аеродром е меѓу четирите аеродроми на ТАВ Аеродроми, заедно со Измир, Бодрум и Загреб, кои што добија награди за квалитет на аеродромските услуги за 2023 година.
Аеродромот во главниот град на Република Македонија е горд на наградата како Најдобар аеродром според големината (2-5 милиони патници годишно) и регион (Европа).
– ТАВ Аеродроми, како аеродромски оператор, е неизмерно горд за една од највредните награди во авијацијата, која го признава и препознава нашиот ангажман за извонредност во искуството на патниците и квалитетот на услугите на аеродромите. Особено сме среќни што Меѓународниот аеродром Скопје е меѓу аеродромите што постигнаа највисоки нивоа на задоволство на клиентите, утврдени од повратните информации од патниците. Со нашите сестрински компании, БТА (храна и пијалаци), АТУ (бесцаринско работење), ТАВ МОС (комерцијални услуги) и ТАВ Технолоџис (ИТ услуги), постојано се трудиме да се подобруваме и иновираме, осигурувајќи дека секое патување преку нашиот аеродром е позитивно. Оваа деветта награда за квалитет на аеродромските услуги е доказ за нашата посветеност на гостопримството, дигитализацијата и одржливоста, бидејќи нашата цел е да создадеме аеродроми кои не само што ги исполнуваат, туку и ги надминуваат очекувањата на патниците – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Ова е деветти пат како скопскиот аеродром ја добива оваа награда, откако претходно ја доби АSQ наградата за 2022, 2021, 2020, 2019, 2018, 2015, 2013 и 2012 година. Меѓународниот аеродром Скопје припаѓа на АSQ панелот од 10 аеродроми во категоријата аеродроми со големина од 2-5 милиони патници годишно во регионот Европа.
Во споредба со другите програми во авијациската индустрија, Програмата за квалитет на аеродромските услуги (АSQ програм) е водечка светска програма за мерење на искуството на клиентите на аеродромот и создавање одредници, и се заснова врз истражување во живо, преку анкети собрани на аеродромот – директно од патниците – кои го оценуваат нивното задоволство на денот на патувањето.