„Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“ промовираа авторска песна и спот: „Сувенир из Сарајева“ и направи врвна „копче-дугме“ забава како сувенир за душата за скопската публика во ноќниот мјузик-клуб „Интермецо“
Најпознатиот македонски трибјут бенд „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“, предводен од познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан-Цеки, вчеравечер, четврток 30 јануари 2025 во скопскиот мјузик-клуб „Интермецо“, приредија распеана ноќ за паметење.
Досега „верно на оригиналот“ и со музика и со изглед и со својот сценски настап го „пресликуваа“ најголемиот рокенрол-бенд на сите времиња на овие простори, а од неодамна и со сопствена авторска музика. Тоа го одбележаа со нивната прва песна насловена како „Сувенир из Сарајева“ (Сувенир од Сараево), која заедно со видеоспотот пред македонските естрадни новинари беше промовирана на најдобар начин. И сите присутни во ноќниот клуб и пријателите, соработниците, колегите, но секако и новинарите не можеа да се воздржат од својата воодушевеност.
Првото авторско чедо на бендот и видеоспотот за него е дело на познатиот српски хитмејкер Саша Драгиќ, кој ја напиша музиката, а текстот е од Владимир Митровиќ, додека за аранжманот се потрудил Стевче Грозданов. Песната е со претензии да стане хит, а снимена е во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот ги направил Горан Гешовски. На песната совршено се надоврзува мошне интересно видео во кое покрај членовите на бендот се појавува познатата македонска актерка Катерина Шехтанска. Таа ја има улогата на фотографката на групата, а самото видео го потпишува AleXanDeR, псевдоним зад кој се крие името на македонскиот музичар и режисер на видеоспотовите, добро познатиот Александар Ристовски Принц.
Како што нагласи и модератор на настанот, песната не случајно е избрано да го носи тој наслов, како што не е случаен ниту изборот да биде отпеана на српскохрватски јазик, кој го разбираа поширокиот екс-ЈУ регион. „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“ имаат за цел токму тој простор да го освојуваат. Првите настапи надвор од Македонија на разни моторџиски собири и други рок-ивенти се веќе тука, како и оној неодамна во Сараево, во ноќниот клуб „Слога“ , култното место каде што и самото „Бијело дугме“ го имале својот прв настап.
Што се однесува до песната, музички целата оддава амбиент на прочуената сараевска “школа“ од средината на 70-тите до крајот на 80-тите, кога на славниот сараевски рокененрол се лепеше целата екс-Ју сцена, па и целиот Балкан. Токму со таков сензибилитет, со таа нота на вдахновеност и шмек, кој потсетува на тие убави времиња, дише и првата песна на „Бело копче“. Да е некое друго време, слободно би можела да биде нова песна на некои од споменатите бендови, вклучувајќи го и самото „Бијело дугме“.
Музички перфектно отсвирена, додека Цеки пејачки ја вметнал целата експресија што ја поседува од влијанијата на големите пејачи како што се Жељко Бебек, Младен Војчиќ-Тифа или Ален Исламовиќ. Но, Цеки најмногу се потрудил да и вдахне и свој дух и сопствена емоција на песната што и дава дополнителна свежина која ја прави блиска и за некои нови клинци.
По презентацијата на песната и видеозаписот, бендот ја отсвири „Сувенир из Сарајева“, премиерно и во живо. Вистинската рокенрол „копче-дугме“ журка допрва следуваше, но откако бендот по кусата пауза за костимирање се врати на сцената, за потоа, во три часа жива свирка, на присутните да им приреди вистинско аудиовизуелно уживање „за сите пари“. Стевче, Цеки, Боби и дружината „ги прошетаа“ присутните во клубот низ сите фази на „Бијело дугме“, свирејќи ги и буквално „верно на оригиналот“ нивните незаборавни хитови. Музичка екскурзија низ старите добри времиња, навраќање на спомените кога царуваа вистинските вредности и во животот и во рокенролот.Атмосферата полна со емотивен набој со грст песни: „Да сам пекар“, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“, „Хоп-цуп“, „Битанга и принцеза“, „Хајдемо у планине“, „Доживјети стоту“, „На задњем сједишту мога аута“, „Путуј Селма и не нагињи се кроз прозор“…. публиката во еден глас ги пееше сите песни заедно со групата, која пак „остави срце на бината“.
По нивниот тричасовен настап, луѓето си замина дома презадоволни, емотивно исполнети со „сувенир во душата“ од вечерта за која долго ќе им ја прераскажуваат на пријателите, роднините и соседите.