Скопска фирма ќе ја испитува безбедноста на надвозникот „Влајко“

438

Фирмата „ТСГ Индустри сервисе“ од Скопје деновиве ќе започне со испитувања, односно инженерски анализи за безбедноста на надвозникот „Влајко“.

Од Општина Карпош информираат дека инженерските анализи предвидуваат статистички пресметки и симулација на напрегања, визуелна, мерна и недеструктивна метода на испитување, утврдување на модел на напрегања и деформации, а фирмата исто така треба да изработи план за евентуална санација на челичниот мост „Влајко“, согласно дадените карактеристики од техничката спецификација.

Оваа фирма е избрана на јавниот повик што пред повеќе од еден месец согласно годишната програма за работа за 2025 година, го распиша Општина Карпош со која е потпишан договор во вредност од 400.000 денари со ДДВ.

Првичната идеја за изградбата на надвозникот „Влајко“ била безбеден премин за учениците од основното училиште „Димо Хаџи Димов“. 

Но, тој е цел на чести вандалски напади, неколку пати е демолиран лифтот, поради што општина Карпош морала да го поправа.

Поради тоа преминот се заклучува. Отворен е секој работен ден од понеделник до петок од 6:45 часот до 21 часот, со цел учениците, особено оние помладите, да можат безбедно да го преминат булеварот „Партизански одреди“ на пат до училиште и назад.

Токму и потребата од изградбата на овој надвозник, стар дваесетина години, се објаснуваше со потребата да се олесни и да се направи побезбеден пристапот до основното училиште „Димо Хаџи Димов“ за учениците што живеат на спротивната страна од булеварот. Тој беше изграден во јуни 2006 година над булеварот „Партизански одреди“, во населбата Влае, во близина на мостот „Обединети нации“. Покриениот и затворен премин има 16 дуќани, по осум од двете страни, и простор за минување меѓу нив. За него општината потроши околу 600 илјади евра.

На дваесетина метри од него има пешачки премин со семафори на самата улица, кој функционира постојано. Пешаците тука имаат избор дали да се качуваат по скалите на „Влајко“ или да го почекаат зеленото светло долу, на булеварот.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ