Скопје утрово повторно се најде на листата со десетте најзагадени града во светот, а на Стариот Континент беше на првото место на листата на платформата IQAir, со индекс на загаденост 165, што го рангира воздухот како опасен за дишење. Во црвената зона со загаден воздух неколку пати над дозволените концентрации, покрај Скопје, денеска беа и Кичево, Струмица, Битола, Велес…

Последната студија за откривање на изворите на загадувањето во Скопје покажа дека греењето на домовите, односно согорувањето биомаса е главниот извор на загадувањето на амбиенталниот воздух. Мапата на „Шанса за Центар“ покажа дека болници, градинки, училишта, касарни, судови се дел од речиси 700. јавни објекти на територијата на Македонија, од кои стотина се во Скопје, кои се греат на нафта и на мазут и кои и оваа зима продолжуваат да го загадуваат воздухот. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиноска, на вчерашниот брифинг со новинарите истакна дека доколку се прашува таа, уште утре би го забранила користењето мазут

Скопје вчераутро повторно се најде на листата со десетте најзагадени града во светот, а на Стариот Континент беше на првото место на листата на платформата IQAir, со индекс на загаденост 165, што го рангира воздухот како опасен за дишење.

Како што е наведено, главни загадувачи биле ПМ 2,5 честичките, чија концентрација изнесувала 75,4 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките биле со концентрација од 78,3 микограми на кубен метар. Со тоа, концентрацијата на ПМ 2,5 во Скопје била 15 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), од 5 микрограми на кубен метар.

Во црвената зона со загаден воздух неколку пати над дозволените концентрации, покрај Скопје, денеска се и Кичево, Струмица, Битола, Велес…

Последната студија за откривање на изворите на загадувањето во Скопје е изработена врз основа на едногодишно континуирано истражување на пет локации. Според професорот Дејан Мираковски, греењето на домовите, односно согорувањето биомаса е главниот извор на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје и тоа во најголема мера придонесува за надминување на дозволените гранични лимити на суспендираните цврсти честички.

Мираковски вели дека екстремното загадување се јавува сезонски и различно за одреден дел од годината. Тој посочува дека емисиите од биомаса можат да учествуваат и до 60 проценти во вкупната маса на суспендирани честички, потоа доаѓаат изворите како што се согорувањето на мазутот и на нафтата, кои, исто така, имаат сериозен удел, па дури потоа доаѓаат другите извори.

Од „Шанса за Центар“ минатата година објавија мапа на сите јавни објекти во Скопје кои, според склучените договори објавени на Бирото за јавни набавки, ги загреваат просториите на нееколошки начин. Мапата покажа дека болници, градинки, училишта, касарни, судови се дел од речиси 700. јавни објекти на територијата на Македонија, од кои стотина во Скопје, кои се греат на нафта и на мазут и кои и оваа зима продолжуваат да го загадуваат воздухот.

– Мазутот е исклучително валкан енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво. Такви јавни објекти во Скопје, кои ги согоруваат овие енергенси, се најмалку сто. Според договорите за јавни набавки, за една сезона може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар. Ако не сакаме да дишеме воздух кој светските медиуми го опишуваат како воздух што мириса на изгорена пластика, сега е шансата да се направи промена – велат од „Шанса за Центар“.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиноска, на вчерашниот брифинг со новинарите истакна дека доколку се прашува таа, уште утре би го забранила користењето мазут.

– Ако ме прашате мене, јас би го сторила тоа уште утре, меѓутоа мора да направиме некоја алтернатива. Не е само мазутот, тука се и возилата, кои загадуваат. Не може ништо да се направи прекуноќ, комплициран е процесот. Има многу објекти што се градени уште во поранешна СФРЈ, кои се со несменети прозорци, нема енергетска ефикасност. Мора однекаде да се почне, детектирани се причините и работиме на тоа да се реши – истакна таа и посочи дека добиле задача 3 % од јавните згради да се направат да бидат енергетски ефикасни.

(С.Бл.)