Додека нашата метропола кубури со јавниот градски превоз, со недостиг од автобуси, а скопската градоначалничка, Данела Арсовска, на почетокот од својот мандат вети и ја доби довербата на граѓаните со проектот „Бесплатен превоз за сите“, Белград ќе го реализира тоа од 1 јануари. Не само тоа, туку и до крајот на идната година на градските улици нема да има автобуси постари од две години. Приватните превозници, исто така, се обврзани да купат нови автобуси. Тоа го соопшти градоначалникот на Град Белград, Александар Шапиќ, кој посочи дека е во тек најголемата реформа во јавниот градски превоз и дека во следните три години целосно ќе се обнови возниот парк.
И додека Белград оди напред, Скопје тапка во место. Наместо бесплатен превоз за сите, сега се доведува во прашање и бесплатниот превоз и за пензионерите (вторник, петок, сабота и недела) и за студентите, на кои таквата можност воопшто не им се допаѓа. Реагираа и од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и од Партијата на пензионери.
Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје упати барање за јавна информација за бесплатен јавен превоз за студентите во 2025 година. Барањето е во име на сите студенти, а, како што велат, го праќаат по бројни прашања и поплаки дека картичките за бесплатен јавен превоз не им се продолжени за 2025 година. Барањето го испраќаат до Драги Кушовски, директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје; Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје; Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија; Весна Јаневска, министерка за образование и наука и Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Александар Николоски, изјави дека останува да почекаат одговор од институциите. Доколку не добијат, УСС на УКИМ ќе преземе соодветни реакции и мерки со кои ќе го искаже ставот.
– Смешно е студентите да немаат бесплатен превоз, мерка што е обезбедена десет години по ред од страна на Владата. Навистина не би било во ред за студентскиот стандард – изјави Николоски.
Тој нагласи дека од дел од институциите им било кажано дека нема да има бесплатен градски превоз, додека од ЈСП, во телефонска комуникација, им било одговорено дека сè уште се чека одлука од Град Скопје.
– Одговорот од МОН е дека има предвидено средства, чекаме да се произнесе дали ќе има или ќе нема за веќе да може да им ги продолжат картичките на студентите. Во текот на идната недела, треба да има одговор од институциите – изјави Николоски, нагласувајќи дека доколку останат без бесплатен превоз, една од опциите е да протестираат пред институциите, а друга е да се комуницира и да се притиска мерката да продолжи.
Заменик-министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, на одговор на прашањата за проблемот со бесплатниот превоз на студентите во Скопје, колку пари должи МОН и дали се обезбедени средства во буџетот, кој Собранието го усвои минатата недела, упати кај скопската градоначалничка.
– Можам да кажам дека во буџетот за 2025 се предвидени средства за транспорт на студентите, но за тоа ќе треба да се донесе дополнителна одлука од Владата. Буџетот треба да помине на Собрание, да не кажуваме бројки што може да бидат изменети и додека се носи буџетот – рече Алиу.
Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, повика „институциите да престанат да си ја подаваат топката едни на други“ и, како што рече, „во најкраток можен рок, до крајот на неделава или наредната, да го решат ова прашање на студентите“.
(А.П.)