– Во моментов го скенираме пазарот и анализираме кој е најбрзиот период за да може да дојдат 100 или 120 автобуси, но истовремено и начинот на плаќање да биде со одреден грејс-период и на неколку полугодишни рати за да не биде товар на ликвидноста на буџетот – најави премиерот Христијан Мицкоски. Од групата скопски велосипедисти нагласуваат дека Скопје не смее да дозволи намерно да се уништува јавниот превоз
Скопје, кое мака мачи со редовноста во јавниот градски превоз поради недоволниот број автобуси, од следните летна сезона и есен ќе добие нови еколошки возила, кои ќе ги набави Владата. Станува збор за 100 до 120 електрични автобуси со кои ќе се поднови возниот парк на „ЈСП“ – Скопје, но и општините штоимаат организиран градски превоз.
– Во моментов го скенираме пазарот и анализираме кој е најбрзиот период за да може да дојдат 100 или 120 автобуси, но истовремено и начинот на плаќање да биде со одреден грејс- период и на неколку полугодишни рати за да не биде товар на ликвидноста на буџетот. Потоа, тоа би било пренесено до сите општини што имаат организиран јавен градски превоз, заедно со придружната инфраструктура како што се полначите за електрични автобуси за кои пресметавме дека ќе ни бидат потребни околу педесетина – најави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.
За проблемот со недостигот на нафта поради кој „ЈСП“– Скопје два дена имаше редуциран превоз, рече дека Градот Скопје е тој што управува со Јавното сообраќајно претпријатие и додаде дека, како Влада, тоа што требало – веќе го направиле.
– На ЈСП Скопје му дадовме 250 тони нафта назаем. Преку Бирото за јавни набавки е договорено да се проследи барањето на Град Скопје за итна набавка на нафта по пат на преговарање. Сега очекувам да се консолидираат. За сè останато, доколку ценат дека треба советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи, очекувам да бидат повикани и да бидат објаснети политиките на Градот Скопје – порача Мицкоски.
За групата скопски велосипедисти „На точак“, немањето јавен превоз е како да нема улици за оние што се движат со автомобили.
– Да нема јавен превоз, за многу наши сограѓани е како еден ден да снема улици за оние што се движат со автомобили, а да мора да стигнат на доктор, на училиште, на работа… Јавниот превоз е основна транспортна, економска, социјална инфраструктура на градот. Јавниот превоз е право, а не привилегија! Јавниот превоз на Скопје требаше да се унапредува! Да стане клучна алатка во борбата против метежот, загадувањето, климатските промени, нееднаквоста – сметаат од „На точак“.
Тие додаваат дека треба да се разговара дали да се направат леви или десни ленти да бидат специјални за автобусите, каде да се воведат нови линии, како да се направи јавниот превоз побрз и поефикасен, како да се направи поквалитетен и да се зголеми бројот на луѓето што го користат, а не да се извисат оние што немаат друг избор.
– Скопје не смее да дозволи намерно да се уништува јавниот превоз – порачуваат од „На точак“.
Приватните превозници од утре се вклучуваат во градскиот превоз
Оние приватни превозници што имаат финансиски можности, од денеска ќе се вклучат во јавниот градски превоз. Тие апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и до Владата на заеднички состанок, да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
– Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник. Ќе се вклучиме во сообраќај, во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет, со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во Градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа можност да се обратиме до сите советници во Градот Скопје. Ве молиме, со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар, со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена, се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси – во име на приватните превозници – изјави Јовица Зафировски.
Отворена нова училишна сала во Гази Баба
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на отворањето на нова училишна сала во Гази Баба, со што ќе се подобри образовниот процес на учениците од ООУ „Наум Охридски“. Тој посочи дека со новата сала се решава децениски проблем на учениците во ова училиште.
– Околу 200 дечиња сега своите часови по физичка активност, по физичко образование нема да мораат да ги вршат надвор, туку ќе имаат своја сопствена сала и, конечно, ќе може да поминуваат тука со своите наставници. Дечињата добија еден репрезентативен објект со европски услови и јас би посакал да никнуваат уште многу вакви објекти ширум целата држава – рече премиерот Мицкоски.