Првиот состанок помеѓу македонските и новите бугарски власти да го реализираат двајцата шефови на дипломатиите, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, во Минхен, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која треба да започне в петок, очекува македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Тој потврди дека сè уште не е реализирана средба на релација Скопје – Софија. И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска излезе со оптимистички изјави дека има исчекор и гледа деблокада, но како што вели, неопходни се добра волја и манифестирање добрососедство

Сè уште немало некаква средба меѓу македонските и бугарските власти, по формирањето на новата Влада во Софија, но македонскиот премиер Христијан Мицкоски очекува првиот состанок да го реализираат двајцата шефови на дипломатиите, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, во Минхен, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која треба да започне в петок.

-Немаме остварено контакти со новата бугарска Влада. Очекувам сега на маргините на безбедносната конференција во Минхен, министерот за надворешни работи да оствари средба со неговиот колега од бугарската Влада, но сè уште нема потврда за такво нешто. Ако се случи, се разбира, јавноста ќе биде информирана, рече Мицкоски на новинарско прашање дали оствариле контакти со новата бугарска влада и дали можеби ќе иницира средба со бугарскиот премиер Росен Желјазков.

И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска излезе со оптимистички изјави дека има исчекор и гледа деблокада, но како што вели, неопходни се добра волја и манифестирање добрососедство. Таа смета дека е новитет тоа што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“. Според претседателката, процесот не зависи само од земјава која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата. Потребно е време, но и добра волја, како и манифестирање добрососедство. Сиљановска-Давкова очекува во директните средби да се разговара за можните решенија, а во добрососедството, како што истакна, не може да препознае вето и слични закани.

 -Да, гледам деблокада. Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање. Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија. Она што е ново и инспиративно е дека групата за пријатели на Западен Балкан, што значи и наши пријатели, е активна. Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4. Знаете дека склучивме Договор за заедничката меѓународна и безбедносна политика. Впрочем, иако не сме членка на ЕУ имаме целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика и мислам дека треба време, треба, она што е најважно – добра волја, треба манифестирање добрососедство. Во добрососедството не можам да препознам механизми како ветото и сличните закани, рече Сиљановска-Давкова, коментирајќи ја анализата на бриселскиот портал Еуроактив, според која, Бугарија останува на ставот за промена на Уставот како дел од преговарачката рамка.

Во исто време, од ЕУ пристигнаа пораки дека Брисел очекува вистински напредок во проширувањето во следните пет години. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, од Рим, каде што учествуваше на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на членките на групата „Пријатели на Западен Балкан“, истакна дека овој регион е дел од европското семејство и затоа нашата безбедност е неодвојлива и нашата соработка е од суштинско значење.

 – Во Рим ја повлеков оваа заедничка безбедносна перспектива и нашата надеж за вистински напредок во проширувањето на ЕУ во следните пет години, врз основа на напредокот со реформите – наведе Калас во објава на „Икс“.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која исто така учествуваше на средбата, порача дека повеќе од кога било Западен Балкан треба да се приближи до ЕУ.

 – Силен фокус на заедничките безбедносни предизвици и забрзување на постепената интеграција врз основа на спроведувањето на реформите од земјите кандидати – наведе Кос на „Икс“.

На средбата во Рим учествуваше и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски. Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат: Австрија, Грција, Италија, Словачка, Словенија, Хрватска и Чешка.

Минатата недела, премиерот Мицкоски истакна дека очекува во наредниот период да се одржат средби со претставници на бугарската Влада за одблокирање на евроинтегративниот пат на државава.

-Што се однесува до средби, ние веќе имавме средби во минатото со највисокото бугарско раководство со тогашниот нивен технички премиер. Очекувам во периодот што следува на различно ниво да има средби со бугарската Влада и тоа не е нешто што треба да нè изненади. Нити ние ќе исчезнеме, нити тие ќе исчезнат, ние повторно ќе си бидеме соседи, изјави Мицкоски минатата недела за евентуални средби со новото бугарско раководство, откако претходно министерот за европски прашања Орхан Муртезани од Брисел изјави дека бугарската страна е подготвена за разговори.

Македонските власти цврсто стојат на ставот дека нема да има уставни измени под бугарски диктат и дека тие се можни само со одложено дејство – да се изгласаат, но да стапат на сила тогаш кога Бугарија ќе го ратификува македонското членство во ЕУ. Ваквото решение неофицијално се нарекува „француски предлог плус“. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ