Двете страни се подготвени и има расположение за средби меѓу македонските и новите бугарски власти, но стратешки се чека противникот да го повлече првиот потег. По сигналите што ги добил македонскиот министер за евроинтеграции, Орхан Муртезни, во Брисел, од бугарски претставник, за подготвеност за дијалог во официјална Софија, денеска и премиерот Христијан Мицкоски порача дека очекува во наредниот период да се одржат средби со претставници на бугарската Влада и дека не треба да нè изненади тоа, бидејќи е нормално соседите да разговараат и да градат односи. Сепак, вели премиерот, градењето добрососедски односи не значи дека се согласуваме на некои теми што нè разделуваат.
– Ние веќе имавме средби во минатото, со највисокото бугарско раководство, со тогашниот нивни технички премиер. Очекувам во периодот што следува, на различно ниво, да има средби со бугарската Влада и тоа не е нешто што треба да нè изненади. Ниту ние ќе исчезнеме нити тие ќе исчезнат, ние повторно ќе си бидеме соседи. Јас сум секогаш поборник да разговараме за теми што нè зближуваат. Нашиот став е јасен, тој е непроменет и сигурен сум дека нема да биде променет, бидејќи јас лично мислам, а и претставниците во Владата мислат, дека ние, како народ, како држава, направивме премногу изминативе две и пол децении во името на европските интеграции, како што не направил никој и ценам дека, конечно, по две и пол децении или две децении откако сме кандидати, не треба да имаме повеќе билатерални услови, туку треба да имаме објективни услови во процесот на преговори. И тоа не е нешто што е различно од тоа што сум го кажувал досега. И тоа ќе го кажам на средбите од Вашингтон, преку Брисел, Лондон, Рим, Париз… затоа што јас верувам во ова, затоа што сме направиле доволно и како што не направил никој друг во името на таа европска иднина, оваа држава направила – рече Мицкоски и додаде дека, по две децении предизвици, заслуживме барем да го почнеме процесот.
Премиерот е одлучен:
– Јас никогаш нема да разговарам за процес во кој разговараме само за неговиот почеток, но не и за крајот. Кога имам таков соговорник, нека повели нека дојде, во спротивно ќе си ги решаваме нашите проблеми и нашите домашни задачи.
Претходно, премиерот Мицкоски рече дека треба да му се даде шанса на процесот на дијалог што треба да се воспостави со Софија, но и дека остануваат на своите ставови и дека нема по која било цена да потпишува сè што ќе биде ставено на маса. Мицкоски рече и дека бугарската Влада во 2019 година не го почитувала Договорот за добрососедство, затоа што наместо да нè поддржува, ни ставила вето.
Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Муртезани, вчера, во Брисел, од бугарски претставник добил пораки дека официјална Софија е подготвена за дијалог со земјава. Муртезани вели дека претставникот на Бугарија во Работната група за проширување на ЕУ лично му пренел дека бугарската страна е подготвена за разговори и упатува позитивни пораки за воспоставување дијалог, откако деновиве новиот бугарски шеф на дипломатијата, Георг Георгиев, се пожали дека немало заедничко чествување на македонскиот револуционерен деец Гоце Делчев, бидејќи во Софија не добиле покана.
– Мислам дека се создава добра средина, која мора да ја искористиме не само за да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедски односи, туку и простор што ќе нè води кон заедничко прифатливо решение, кое, конечно, ќе нè внесе во ЕУ. За да продолжиме успешно напред, мора од Брисел да има ехо, кое ќе нè увери дека понатамошни ирационални билатерални прашања нема да ни го блокираат процесот на водење на преговорите, кои, за граѓаните, сè уште се најголем стратешки приоритет – изјави Муртезани.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, рече дека треба да се бараат контакти со новата бугарска Влада за да се најде некакво решение за длабоката конфронтација во која се наоѓаме поради бугарската блокада, но смета дека официјална Софија нема да промени ништо во политиките кон Македонија.
– Софија нема да биде среќна со нив, ама ќе мора да прифати да разговара, бидејќи во спротивно, ќе покаже некооперативност. Меѓутоа, нема ни теоретски шанси дека ќе променат тие што било од своите политики кон Македонија, како што ни повторуваат постојано, бидејќи тие го префрлија случајот во Брисел. Во секој случај, Македонија мора да бара што поскоро средба со новиот премиер за да се отвори патот за излез од ќор-сокакот – вели амбасадорот Никовски.
Претходно, новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во интервју за БТВ рече дека односите меѓу Софија и Скопје се „специфични“. Во однос на тоа дали ќе ја промени Софија позицијата, со оглед на ставот на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека Бугарите нема да бидат внесени во Уставот без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека Скопје нема како да го продолжи пристапниот процес доколку не ги исполни преземените обврски. (В.С.Н.)