Скопје гледа кон Брисел, а се крсти во Вашингтон

Македонските надежи за влез во европското семејство остануваат во сенка на глобалните игри на моќ. Цел Балкан е на крстопат во овој период, кога се кројат новите светски стратегии во овие геополитички судири на светските велесили. Покрај домашните проблеми, земјава е исправена и пред предизвикот успешно да ги балансира односите со ЕУ и со САД и да најде начин, конечно, да си обезбеди билет за влез во Европската Унија. За Македонија, тука во преден план се односите со нејзиниот стратешки партнер – Америка, но и цврстата определба за приклучување кон европското семејство, кое со децении се однесува кон земјава како маќеа кон сираче. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, ги потврди блиските односи што ги негува Вашингтон со Скопје. Сепак, таа посочува дека САД не може да го гарантираат македонскиот пат кон ЕУ, зашто не се членка на Унијата. Дел од аналитичарите за весникот ВЕЧЕР коментираат дека ЕУ е уназадена, а проширувањето уште повеќе и дека мора да се искористат врските со администрацијата на Трамп. Некои од познавачите, пак, сметаат дека добрите партнерски односи со САД не се од вчера, туку постојано се унапредуваат, а стратешка цел на Вашингтон е стабилизирање на регионот и вклучување на целиот регион во семејството на ЕУ

278

Во време кога големите сили го трасираат патот за нова геополитичка реалност, а светот се прашува дали станува збор за вистински мировни разговори или во јадрото на случувањата е битката за економско и за политичко влијание меѓу САД и Русија, со исклучување на ЕУ, на балканските земји им останува да се надеваат дека овој пат нема да се прекршат копјата врз нивниот грб и дека не секој што не е на масата, е на менито. За Македонија, тука во преден план се односите со нејзиниот стратешки партнер – Америка, но и цврстата определба за приклучување кон европското семејство, кое со децении се однесува кон земјава како маќеа кон сираче.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, денеска ги потврди блиските односи што ги негува Вашингтон со Скопје. Сепак, таа посочува дека САД не може да го гарантираат македонскиот пат кон ЕУ, зашто не се членка на Унијата.

Анџела Агелер,амбасадор на САД во Македонија
Анџела Агелер,
амбасадор на САД во Македонија

– Мислам дека за тоа се водат и се воделе разговори со високите претставници на ЕУ, но мило ми е што премиерот и членовите на неговиот кабинет се во Вашингтон. Фактот што е тој неколку пати таму откако ја презеде својата позиција како премиер, исто како и многу други министри, само зборува за близината на нашите односи и покажува на многу начини дека ние, како САД, и Северна Македонија билатерално може да соработуваме. Очекувам таа соработка да биде зајакната – рече вчера Агелер.

Прашана како ќе се одрази одлуката на претседателот Трамп за замрзнување на програмите на УСАИД, рече дека сè уште не знае како ќе влијае тоа на идната американска поддршка на развојот на земјава.

– Ова е процес што е во тек и јас не знам како ќе се одрази на нашата идна поддршка на развојот. Сепак, можам јавно и приватно да им кажам на Владата и на нашите партнери дека ние сме тука. САД не си одат и правиме фантастични партнерски настани каков што е денешниот, со примопредавањето на специјалното возило – рече Агелер.

Вашингтон сака стабилен Балкан, дел од ЕУ

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, ги анализира актуелните случувања на глобалната политичка сцена и како може да се преслика тоа во регионот, а особено во Македонија. Според него, ЕУ е уназадена, а проширувањето уште повеќе. Смета дека мора да се искористат врските со администрацијата на Трамп.

Ристо Никовски,поранешен амбасадор
Ристо Никовски,
поранешен амбасадор

– Во Минхен, на Безбедносната конференција, се случи силна американска експлозија, која ќе има долги и длабоки последици во целиот свет. Прво, сега веќе е очигледно дека војната е меѓу Русија и Америка и дека Украина и Европа се тешки колатерални штети. Второ, факт е дека Унијата веќе не е американски стратешки партнер. Трето, Унијата е фрлена назад, макар 10 години, длабоко е поделена и никогаш веќе нема да биде тоа што беше. Четврто, и за нас најважно, е дека по сето ова што се случи, проширувањето на ЕУ е тотално мислена именка. Во дадените услови, со оглед што сите наши голготи досега беа резултат на американските политики, врските што ги има нашата земја со администрацијата на Трамп треба максимално да се искористат за расчистување на нивните концепции, намери и планови за Македонија. Тие во никој случај не се поволни за македонизмот. Треба интензивно да се работи на промена на досегашната американска практика во однос на Македонија, бидејќи ако продолжиме „како и досега“, алот ни е во калот. Сè заедно, треба да правиме сè за реформи во земјата, да ги решаваме проблемите без да чекаме камшикар, само така ќе ги отвораме перспективите за Македонија – вели Никовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак, вели дека добрите партнерски односи со САД не се од вчера, туку дека постојано се унапредуваат, а стратешка цел на Вашингтон, според него, е стабилизирање на регионот и вклучување на целиот регион во семејството на ЕУ.

Алберт Муслиу,политички аналитичар
Алберт Муслиу,
политички аналитичар

– Не треба да мешаме што се американски стратешки цели, каде се концентрираат и каков е односот со нас. Ние сме, за Америка, пријателска држава, високо сме на нејзината листа. Разговорите со нив не се тазе и константно се унапредуваат. Ние сме на чекор до тоа да бидеме дефинирани како одредени земји на ЕУ што се преферирани за САД, на пример Италија, што е престижно. Има разлика меѓу владеењето на Бајден и на Трамп, кој е подиректен и секако дека американските интереси му се високо на агендата. Ние, секако, немаме тежина како некои нивни стратешки партнери, но имаме преференцијален однос.  Сума сумарум, балканските политичари, со новата администрација, нема да може да избегнуваат носење одредени одлуки, кои, според американската администрација, водат кон стабилизирање на регионот и вклучување на целиот регион во семејството на ЕУ. Тоа важи и за Босна, и за Косово, и за Македонија, Србија, Албанија… Нивна стратешка цел е да се стабилизира Балканот и да се интегрира во ЕУ. Ако си преференцијален за нив, тоа може само да ти помогне во процесот, да бидат понежни кон нас, но не и да можеме да избегнуваме носење на одлуките. Затоа што, според мене, Трамп е ориентиран кон затворање на проблемите. Можеби, Бајден беше повеќе концентриран кон Русија, а Трамп ќе се концентрира кон Кина – вели Муслиу во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Компромитирачки договор за Украина ќе охрабри иредентизам на Балканот

Експертот за Балканот, Даниел Сервер, коментира дека секој договор за Украина што би ги компромитирал суверенитетот и територијалниот интегритет на Киев, ќе охрабри сецесионистички и иредентистички сили на Балканот. Тој вели дека Босна и Херцеговина и Косово ќе се најдат под ризик и дека земјава нема да биде подготвена да ги прифати бугарските барања без гаранции.

Поранешниот американски претставник за Босна и Херцеговина, во улога на медијатор меѓу Хрватите и Бошњаците за Дејтонскиот мировен договор, во изјава за МИА посочува дека интеграцијата на Македонија во ЕУ би се откочила само ако се оствари гаранцијата побарана од премиерот Христијан Мицковски, дека бугарските барања за промена на Уставот ќе бидат последното барање од Софија.

– Македонија, според мене, е подготвена да ги прифати бугарските барања за вклучување на Бугарите во Уставот, но сака тоа барање да биде последното од Софија. Не знам дали ќе се согласат Бугарите за тоа – потенцираше Сервер.

Според него, позицијата на Русите во актуелните преговори за Украина „е поволна и тие нема да го повторат сценариото со неуспехот на Минск-2“ во 2015 година.

– Русија сигурно би можела да се обиде да ги искористи разговорите за одложување (на договор за прекин на огнот), но во овој случај се сомневам во тоа. Американците нудат договор што би овозможил Русија да остане барем во деловите од Украина што ги има окупирано. За Москва, атрактивна опција е да може да склучи таков договор и да добие време за повторно вооружување и за регрупирање на армијата – изјави Сервер, кој ја предводи програмата за менаџирање конфликти на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон.

Во врска со неучеството на ЕУ во првичните преговори меѓу Вашингтон и Москва за крај на војната во Украина, кои се одржаа во Ријад, и со плановите на Макрон и на Шолц за развој на интегрирани европски воени сили независни од НАТО, Сервер укажува дека на Европа ѝ се потребни политичари што може да му парираат на американскиот претседател, Доналд Трамп.

– На Европа ѝ требаат политичари што се подготвени да му се спротивстават на Вашингтон, повеќе од тоа дали може или не да создаде интегрирани воени сили независни од НАТО. Политичари што ќе бидат способни да го бранат украинскиот суверенитет и територијален интегритет.

Тој смета дека САД нема да го променат ставот и да испратат свои сили во Украина и дека, најверојатно, Европа ќе биде таа што прва треба да распореди свои мировни сили, зависно од договорот.

– Поддржувам да се испратат трупи во Украина, но само ако тој договор го штити украинскиот суверенитет и територијален интегритет. Во спротивно, тие ќе бидат под ризик да се најдат на погрешно место во погрешно време кога ќе реши Москва да ја обнови војната – вели Сервер во изјавата за МИА.

Балканизација на Европа наместо европеизација на Балканот

На Минхенската безбедносна конференција, минатата недела, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека денес сме сведоци на „балканизација на Европа“ наместо „европеизација на Балканот“ и праша зошто оние што остро го осудуваат негирањето на украинскиот идентитет молчат кога се негираат македонските јазик и идентитет.

– За нас, бајката стана подвижна цел. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот и кои донесоа билатерални спорови заедно со себе во Брисел наместо да ги донесат бриселските вредности на Балканот – рече Мицкоски.

На маргините на Минхенската безбедносна конференција, прва средба остварија и македонскиот и бугарскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев. Муцунски изразил жалење што наместо развој на добрососедска политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес, додека Георгиев, пак, рекол дека добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграции и дека без нив не е возможно да се постигне членство во ЕУ, а „ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен“.

Евроамбасадорот Михалис Рокас деновиве изјави дека уставните измени се факт, но смета дека треба да им се даде шанса на дипломатските активности и оти Брисел е свесен дека ова е прашање што актуелната влада сака да го реши со одредени гаранции и уверување дека нема да има билатерализација на процесот. Евроамбасадорот уверува и дека постои неотповиклива желба на Европската Унија да помогне во евроинтегративниот процес на земјава, а главната порака на амбасадорите до граѓаните треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е со опиплива вредност.

Последната анкета објавена неделава нотираше голем отпор за уставните измени кај македонските граѓани. Според испитувањето на јавното мислење, само 20 проценти од испитаниците поддржуваат уставни измени како услов за почнување на преговорите со ЕУ. Сепак, поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на нивото од 62 проценти. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ