Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Oпштина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вели дека Скопје е пред големи предизвици, но верува оти со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што заслужуваат граѓаните.
Во интервју, тој нагласува оти му претставува исклучителна чест што покажуваат истражувањата дека ја има довербата на граѓаните за да ја преземе, како што вели, најзначајната улога – градоначалник на Град Скопје.
– Довербата што ми ја укажуваат граѓаните е моја најголема мотивација. Анализите, кои покажуваат дека ја имам поддршката за еден таков предизвик, се потврда за сето она што сум го направил досега. Јас ја оправдав довербата што ми ја дадоа граѓаните на Кисела Вода. Остваривме проекти што ја трансформираа Општината и ги решивме долгогодишните инфраструктурни проблеми. Скопје е пред големи предизвици, но верувам дека со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што заслужуваат граѓаните. Ми претставува исклучителна чест што покажуваат истражувањата дека ја имам довербата на граѓаните за да ја преземам и оваа значајна улога – истакна во интервјуто Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека Скопје е град со огромен потенцијал, но и со големи предизвици.
Според Ѓорѓиевски, Скопје е град кој заслужува раководство што ќе биде блиску до своите жители, што ќе ги слуша нивните проблеми и што ќе работи на тоа да создаде средина каде што ќе може граѓаните да живеат достоинствено, каде што ќе се троши секој денар рационално и каде што јавната администрација ќе биде во целосна служба на луѓето.
– Скопје заслужува раководство со визија, ентузијазам и решителност, кое ќе го врати неговиот сјај и ќе го направи модерен европски град. Скопје може и мора да биде град на иднината, но за тоа се потребни силно лидерство и заедничка посветеност – дециден е Ѓорѓиевски.