По повеќе од 13 години, девојче од скопско Шуто Оризари е запишано во книгата на родените, добива документ дека постои и со тоа станува видливо за институциите, може да ги остварува своите права и да се запише во училиште, ваков случај објави народниот правобранител Насер Зибери на вчерашната прес-конференција. Правобранителот укажа дека ова не е изолиран случај и апелираше до институциите да се анимираат и да го решат проблемот за околу 400 „невидливи“ лица што имаат побарано да добијат извод по законските измени во 2021 година.

Иако за решавање на проблемот со девојчето бил потребен само документ од болницата каде што е родено тоа, случајот се затворил откако се вклучиле Дневниот центар, невладините и народниот правобранител. Интересно е што и самиот омбудсман ја почувствувал административната бирократија, бидејќи му барале повеќе документи и му биле потребни околу два месеци да го решат овој случај.

Раководителката на Дневниот центар во Шуто Оризари појасни дека почнала постапката во 2023 година, кога до нив се обратила мајката на девојчето. Проблемот, како што рече, бил тоа што иако било родено девојчето на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, таткото не живеел во државата, а мајката не успеала да направи упис во матичната книга.

Народниот правобранител, Зибери, информираше дека проблем со упис во евиденцијата на матични книги и добивање извод имаат повеќе лица. На првиот повик, од 700 пријавени, анимирани и поттикнати се 400 да поднесат барање да се евидентираат. Од нив, 268 влегле во постапка, а 60 досега успеале да се стекнат со матичен број.

– Проблемот е долгогодишен и направени се низа законски измени во 2021 година, со кои се создадоа услови да се врши уписот по службена должност. Но, сепак, работите се поинакви во практиката. Доказ дека не функционира најсоодветно е тоа што и во тековната година, иако има нецели два месеци, имаме претставки од оваа област. Еден од поистакнатите примери е каде што не се евидентирани и мајката и детето и практично се невидливи за институциите – појасни Зибери и посочи дека во препораките од годишниот извештај ќе се укаже дека Управата за водење матични книги треба да биде поажурна.

ИЗДВОЕНИ